|

Адвокатот на родилката од Битола: Лекарите што ја породиле сакаат да ја префрлат вината на друг

„Она што е евидентно од страна на двајцата лекари што го вршеле пораѓањето е дека има јасна интенција да се префрли вината на гинекологот што ја водел бременоста, а не зел учество во пораѓањето“, вели Јанаки Митровски, адвокатот на родилката Викторија Крстевска, чие бебе почина во болницата во Битола, по вршењето увид во списите на предметот при ОЈО Битола.

„Исто така, евидентен е нивниот обид да ја претстават родилката како агресивна и некооперативна иако вистината е дека од страна на докторката е навредувана, ѝ велеле, препорачано „да си оди во ‘Плодност’ ако нè и чини“ и други омаловажувања“, вели Митровски.

„Помеѓу сестрите, кои биле на пораѓањето, постои лесно забележлива координираност и мој сомнеж е дека се припремени за исказот во ОЈО затоа што исказот им е школски, однос ист од ЗБОР ДО ЗБОР!!! Единственото нешто од кое сме задоволни е коректната вонредна инспекција на Министерството за здравство, каде што се детектирани серија недостатоци, грешки, недостиг на опрема или нејзина неисправност, како и непочитување протоколи и процедури од страна на болницата и лекарите. Обдукцијата ќе биде готова за два дена, а родилката основано се сомнева дека ќе се оди на варијанта наше дете, а ОЈО Битола ќе се повика на обдукцијата и крај на приказната“, пишува адвокатот на родилката Крстевска.

Тој извести дека се обратил до ОЈО Битола со предлог на докази со цел, како што вели, „да не се дозволи туѓо мешање во предметот, а знаеме дека има такви обиди“.

По смртта на новороденчето, тогашниот директор на болницата во Битола, доктор Александар Обедниковски, си поднесе оставка од морални причини. Вонредниот инспекциски надзор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат утврди недостатоци при третманот на родилката, но од административна природа, за што најавени беа парични прекршочни казни.



Слични Објави