АФЕРА РАМАДАНИ: ПРАВЕЛЕ ЛАЖНИ ТРАНСФЕРИ НА КИПАР, ПА КУПУВАЛЕ ЛУКСУЗ НИЗ ШПАНИЈА!

/

Аферата со тетовецот Фали Рамадани, еден од најмоќните менаџери на светот, е топ-тема во Шпанија, откако е обвинет за перење пари и затајување на данок во големата истрага на даночните власти и агенциите за сузбивање на организиран криминал во Шпанија со помош на Еуропол.

Рамадани, кој е менаџер на бројни фудбалски ѕвезди според шпанските медиуми, повикувајќи се на извори од истрагата затаил и испрал 100 милиони евра, а сега како еден детал кој испливува на површина е дека целата операција за криминалните активности се водела преку Кипар и клубот Аполон од Лимасол, со кој биле правени „лажни трансфери“. Поточно, преку таквите фиктивни трансфери, Рамадани како главен со својата агенција и заедно со други менаџери, само во 2018 година си заработиле на црно десет милиони евра. А, ниту еден трансфер не постоел.

Човек кој е обвинет покрај тетовецот е и Србинот, Никола Дамјанац, бивш голман на Партизан, ОФК Београд, Рода, Анталија, Сатурн и Флуминензе. Дамјанац веќе со години е прв соработник на Рамадани, претставник за Србија на „Лијан Спорт“ и тој е еден од уште двајца други менаџери кои се приведени во акцијата за сузбивање на корупцијата во оваа афера со фудбалски трансфери.

Целата операција за перење пари и затајување на данок се одвивала преку Аполон, клуб зад кој стои исто така многу моќен менаџер, Пини Захави. Преку тој клуб се правеле фиктивни и лажни трансфери, со цел да се избегне плаќање на данок, а со парите потоа се купувале имоти во Шпанија, најмногу на Мајорка. Парите стигнувале преку сметки на фирми со непозната сопственост, а во големата криминална шема која е сериозно разгранета е поврзана со многу клубови од Белгија, Кипар и Србија. Сите трансакции ги правеле преку канцеларија за даночно советување регистрирана на Малта и како претставништва во други земји, а вработените работеле за да „прикријат сите траги за потекло на парите“.

Инаку целата истрага почнала од објавувањето на документи преку „Фудбал Ликс“, па Манчестер сити доби жестока казна од УЕФА со суспензија од ЛШ, а „свиркачот“ моментно е во затвор во Португалија и станува збор за хакер кој дошол до ваква документација со која на светот сака да ја покаже силната корупција во фудбалот.

Руи Пинто кој летоска беше успасен во Будимпешта и екстрадиран во Португалија се соочува со тужба по 147 точки за кривични дела и може да добие доживотен затвор, а тргнал во таква операција за да покаже за сериозниот криминал во португалскиот фудбал, но потоа почнал да објавува документација и за европските клубови, во кои има дел и за нелегални трансфери преку кипарски Аполон.



Сега, според шпанските медиуми, шпанските власти веќе разговараат со низа клубови во Шпанија меѓу кои и Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Севилја, Бетис зашто станува збор за криминал преку трансфери на Лука Јовиќ, Лука Модриќ, Стефан Савиќ и многу други играчи.

Тоа што е најинтересно е што Рамадани се појавува и како посредник во светски рекордниот трансфер на Нејмар од Барселона во ПСЖ, а главен играч е Пини Захави, сопственикот на Аполон. Рамадани и Дамјанац, купувале луксузни вили во месото Калвија на Мајорка. Шест часа траела рацијата во резиденцијата на тетовецот, за кого шпанските власти имаат докази дека поседува станови, имот, јахди, луксузни автомобили кои веројатно ќе бидат запленети.

Сега останува да се види дали истрагата ќе добие европски размери и ќе излезе надвор од границите на Шпанија, особено што пред година ипол голема корупциска афера имаше во Белгија околу затајување на данок од трансфери, фудбалски местенки во кои главен човек беше српски менаџер.

Извор: Спорт1



Претходна статија

СООБРАЌАЈКА ВО АРАЧИНОВО – ЗАГИНА 22-ГОДИШЕН МОТОЦИКЛИСТ, А СОПАТНИКОТ Е ТЕШКО ПОВРЕДЕН

Следна статија

ВО ИТАЛИЈА ЗАРАЗЕНИ ПЕТ ДЕЦА, ВО АВСТРИЈА ПОЧИНА ИТАЛИЈАНСКА ТУРИСТКА

Најново од Вести