|

Апсења низ БИХ: Меѓу приведените има полицајци, бизнисмени, директори

Во акцијата „Црна вратоврска 2“ на Државната агенција за истрага и заштита во БиХ (СИПА), која се спроведува со кантоналните полициски агенции, досега се приведени 22 лица, меѓу кои високи службеници на полициските агенции и институции за спроведување на законот, пишува „Клих.ба“.

Акцијата се спроведува во најмалку три града во Федерацијата Босна и Херцеговина (Сараево, Зеница, Мостар), но е проширена и во Република Српска.

Обвинителството на Босна и Херцеговина и СИПА само соопштија дека се приведени неколку лица, нагласувајќи дека меѓу нив има и службеници, но не прецизирајќи го нивниот идентитет.

Она што е познато е дека под сомнение за организиран криминал приведени се бизнисменот Гордан Мемија и началникот на специјалната единица на Федералната полициска управа (ФУП) Мустафа Селмановиќ, како и неколку полицајци. Бил претресен и директорот на ФУП, Вахидин Муњиќ, но се уште не е јасно дали е приведен.

Наведените активности се вршат по наредба на Судот на Босна и Херцеговина и под надзор на Обвинителството на Босна и Херцеговина, поради постоење основи на сомнение дека се сторени кривични дела „Организиран криминал“ во врска со кривичните дела „Перење пари“, „Неовластено прометување наркотични дроги“ и „Примање подароци и други облици на употреба“ и „Злоупотреба на службената положба или овластување“, пропишани со Кривичниот законик на БиХ.

Слични Објави