АРХЕОЛОШКАТА БИБЛИОТЕКА ЌЕ ДОБИЕ НОВИ ПРОСТОРИИ ВО АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ
Во Археолошкиот музеј на Македонија, утре на 18 мај, во 12 часот, ќе бидат промовирани новите простории на најстарата и најголемата специјализирана археолошка библиотека во Република Македонија …
Повеќегодишната пауза во работата на библиотеката, од речиси 10 години, сериозно се одрази врз меѓубиблиотечната размена на Музејот и особено врз обновата на фондот.
Денес библиотеката располага со преку 6000 книги и 20 илјади стручни и научни трудови од домашни и странски автори. Овој фонд е создаван во текот на 57 години од формирањето на првата библиотека при Археолошкиот музеј во 1961 година и особено од 1977 до 2010 кога библиотеката била во состав на Музејот на Македонија во Скопје.
Меѓу бројните книги има и многу ретки изданија, објавувани од почетокот на 20 век, а најстарото од нив потекнува од 1881 година.
Со промоцијата на новите простории библиотеката на Археолошкиот музеј во иднина ќе продолжи да биде јадро на податоци за многу идни истражувања и генерации истражувачи.