Б како Бендевска или Б како бугаризација

///

Пишува: Атанас Величков

Поранешната претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и сегашна членка на истата комисија Весна Бендевска соопшти преку социјалната мрежа Facebook дека ќе присуствува на протестот против прифаќањето на францускиот предлог за отпочнување на преговорите на РС Македонија со ЕУ, бидејќи тоа било нејзино право и бидејќи нејзините идеали биле поважни од сè.

На протестот, што беше определен од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како непартиски и како „будење на Македонија“, говорниците што се качија на изградената бина и му се обратија на народот искажаа еден куп глупости, кои нема потреба да бидат коментирани, доволно е да бидат слушнати. Некаде таму во гужвата од измачени и излажани луѓе, чии деца и внуци својот спас од немаштијата го бараат во бугарскиот пасош, стоела и госпоѓата Бендевска, како горда наследничка на Елпида Караманди, која протестира против „бугаризацијата“ на Македонија.

Бендевска во интервју за емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма во февруари оваа година, тогаш како претседателка на антидискриминаторската комисија ќе изјави дека ги повикале сите граѓани, кои имаат не само бугарско етничко чувство, туку од било која етничка припадност, доколку се чувствуваат дискриминирани, да дојдат во просториите на Комисијата. Бендевска подвлекува дека граѓаните можат да бидат сигурни дека ќе добијат заштита, „доколку им е нарушен принципот, уставно загарантираното право, да бидат еднакви во нашата држава“.

Звучи прекрасно нели? На сета таа убавина, според зборовите на актуелната членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се јавил само еден „бугарски етнички Македонец“, којшто се пожалил дека го преместиле од една во друга канцеларија, оти во неработно време бил присутен на панахида организирана од некое здружение на Бугарите во РС Македонија. Комисијата веднаш утврдила дека нема основ за жалење од дискриминација бидејќи и покрај преместувањето од една во друга канцеларија и промената на работната позиција, платата на човекот што се пожалил не била намалена. За да внесе уште поголем водевилен елемент на своето сведоштво за „недоветноста“ на жалењето на граѓанинот, таа ја додава важната информација дека во малата рурална локална самоуправа, каде што работел човекот, немале „поим“ дека истиот е Бугарин, бидејќи во обрасците М1 и М2 во графата за етничка припадност напишал: Македонец…

Нема никаков сомнеж дека Бугарите што живеат на територијата на РС Македонија и се нејзини граѓани, треба да ги поднесуваат своите претставки во антидискриминаторската комисија. Тоа можат да го направат на следниот линк. Нивниот предмет ќе биде разгледан и проверен од Комисијата, чиј член и поранешен прв човек била самата г-ѓа Бендевска.

Бендевска има право да присуствува на протест кој има отворен антибугарски карактер и на кој се истакнуваат навредливи и стигматизирачки пораки за Бугарите, а Бугарите пак имаат право да и се жалат нејзе дека некој ги навредува, стигматизира или дискриминира. Нема логика нели?

Нема логика во центарот на Скопје да се одржи протест, кој изразува револт против некаква наводна бугаризација, но истиот се случи и беше повеќе од добро посетен. Нема логика историската вистина за Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Тодор Александров и Ванчо Михајлов, да ги бугаризира денешните Македонци, но таа мастика им се продава, бидејќи истите треба да останат робови на системот, кој додека им раскажува приказни за исконските непријатели на македонизмот, ги осудува на вечно вртење во круг во потрагата на нормален начин на живот.

Нема логика и во тоа Бендевска чиј профил на социјалните мрежи го краси пропаганден материјал во кој Бугарите се нарекуваат фашистички слуги, да ги штити од дискриминација Бугарите во РС Македонија, но за каква воопшто логика можеме да зборуваме кога југокомунистичките мантри од пред 80 години сè уште служат за сеење омраза кон цел еден народ и за зацврстување на еден идентитет, кој има животинска потреба да биде признаен од својот најголем непријател.



Во подготвената за почеток на преговори за влез во ЕУ РС Македонија, антидискриминатор посетува протест на којшто се искажуваат дискриминаторски пораки кон одреден народ и исто така самиот шири дискриминаторски пораки преку својот фејсбук профил. Поубаво и поевропски од тоа не може и да биде.

За да биде нелогичноста на какафонијата од квазипатриотизам уште посилно изразена, на самиот протест, освен антидискриминаторката, биле присутни и голем број луѓе, кои самите или пак нивни блиски роднини имаат бугарски пасоши…

Најтрагичното од сè е фактот што, ако на Бугарија и текне, како што ги избрка оние 70 руски дипломати пред некој ден, да ги укине досега издадените пасоши за граѓани на РС Македонија, платото пред Владата ќе биде многу мал простор за да ги побере сите кои нашле парче леб, преку изјавите дека нивните дедовци и баби биле Бугари.

Тогаш каде ќе се кријат Мицкоски, Бендевска и сите оние говорници со полни усти омраза, кои сакале или не, биле соучесници во фијаското на планот РС Македонија конечно да пркне и да стане нормална земја без опашки од минатото, која чекори кон своето вистинско европеизирање.

Уште од сега знаеме дека повторно криви ќе бидат Бугарите, Французите, Европејаните… Вистинските виновници, повторно ќе се скријат позади својот вулгарен и хушкачки патриотизам, којшто со себе си носи само омраза и деструкција. Виновниците обединети без разлика дали се асномски или антички Македонци, ќе продолжат да се кријат позади луѓето, кои ќе ги плашат со некаква бугаризација која постои само во нивните подли планови за заведување.

Синоќа ја видовме „европската“ страна на македонизмот, во неговата најчиста антибугарска форма. Нека не се залажуваме, одамна РС Македонија ќе тргнеше по патот на европеизација, ако имаше елита, која навистина работеше за тоа. Политичката елита во земјата создаде ликови како Мицкоски, Бендевска, Перо Камиказа и др… Навистина страшно! Ни бугаризацијата нема да може да ги спаси луѓето од ваквиот ков протестирачи. Оти овде не се работи за етничка припадност, а за недостаток на самопочит, додека во јавност говориш ноторни глупости.



Претходна статија

Потрага по идентитетот

Следна статија

Провокаторот Драган Богдановски

Најново од Истакнато