БАДНИК- СТАРОСЛОВЕНСКА МИТОЛОГИЈА ЗА РАЃАЊЕ НА СОНЦЕТО

Подготовките за прославувањето на Божиќ започнуваат од денот на Бадниковиот оган чија симболика се поврзува со старословенската митологија за раѓањето на сонцето односно доаѓањето на новата година. Се верува дека дрвото (даб и дабови гранки) кое се користи за потпалување на огнот се поистоветува со она на кое што било распнато телото на Исус Христос. При чинот на горењето се ослободува неговиот дух и тело, и на тој начин преку овој обред,  се означува повторното раѓање на Исус Христос, односно доаѓањето на новата година.

Главен реликт на овој празник, се дабовото дрво или дабовите гранки кои се сечат наутро пред изгрејсонцето, ден пред Бадник, или утрото на самиот ден. Во некои села или градови, во нашата земја, сечењето на дрвото е работа на домаќинот коешто е проследено со низа ритуали.  Пред да го исече, тој го удира со тапата страна од секирата и му вели “Среќна ти Нова година”. Домаќинот го носи дрвото на рамо, а кога ќе стигне пред куќата го потпира куќниот ѕид со шумата нагоре. Потоа од него засекува неколку гранки и ги врзува со коноп, дел од нив закачува на влезната врата, а дел во внатрешниот дел во куќата. Се верува дека преку обесениот бадник, љубов и здравје ќе владеат во домот на домаќинот и неговото семејство. Вечерта, сите се собираат “на оган”, на трпезата се поставува посна храна (риба, компир, зелка, сарма, гравче- тавче), се служи греана ракија или вино и се крши бадниковото лепче во кое претходно е замесена паричка. Во македонската традиција се верува дека оној кој ќе го најде паричето, ќе го следи среќа во животот.

Тесната врска помеѓу светото и профаното, ретко кој ја разбира, толкува и поддржува па токму поради таа причина, народните верувања и обичаи на нашите претци често се сместуваат во категоријата “паганство” кое се толкува во негативна конотација, на нешто застарено, ретроградно и според многумина, сиот тој систем на верувања  треба да остане во “минатото каде што и припаѓа”. Со терминот “пагански” е сосем погрешно да се толкуваат народните верувања и обичаи, особено во полето на етнологијата, бидејќи во нив се крие идентитетот на нашиот народ, од таму потекнале нашите корени, првите чекори како и суштината на целиот свет.

Без нив, животот би ни бил празна бездушна улица…

Автор: Кристина Паско, етнолог



Слични Објави