Балкански мост: Потребна е одлучна, координирана и недвосмислена реакција против врсничкото насилство
Во време кога општеството сè почесто се соочува со загрижувачки појави на врсничко насилство, Здружението „Балкански Мост“ чувствува морална и граѓанска обврска јавно да се обрати и да упати јасен повик до сите надлежни чинители во Република Северна Македонија.
Како организација што делува во граѓанскиот сектор и се залага за заштита на правата на сите граѓани – особено на децата – констатираме дека досегашните иницијативи, кампањи и активности, иако добронамерни и посветени, не дадоа доволно конкретни и одржливи резултати. Насилството меѓу врсниците не само што не се намалува, туку во одредени случаи станува сè поинтензивно, поагресивно и поопасно.
Оваа состојба бара пресврт. Потребна е одлучна, координирана и недвосмислена реакција.
Оттука, упатуваме јавен апел до државните институции – без исклучок и без одлагање – да се вклучат со полн капацитет, со јасна волја и со непристрасен пристап во справувањето со ваквите случаи. Повикуваме на дејствување кое нема да прави разлика по верска, национална или каква било друга припадност, туку ќе се води исклучиво од принципот на заштита на детето и владеење на правото.
Свесни сме дека и жртвите и сторителите во ваквите случаи се малолетни, што дополнително ја усложнува ситуацијата. Но токму затоа е неопходно да се изнајдат соодветни механизми за превенција, едукација и, кога е потребно, соодветна и правична санкција – по пример на поразвиените системи кои успешно се справуваат со овие предизвици.
Во таа насока, Здружението „Балкански мост“ иницира отворање на сериозен институционален дијалог и заеднички процес на креирање конкретни мерки. Истовремено, упатуваме јавен повик до сите граѓански организации, здруженија и иницијативи кои делуваат во полето на заштитата на детските права, човековите права и меѓуетничките односи, да се приклучат кон една заедничка, координирана акција со надлежните институции.
Само преку заедничко дејствување – граѓанскиот сектор, образовниот систем и државните институции – можеме да создадеме силна, видлива и ефикасна кампања која нема да остане само на ниво на апели, туку ќе донесе реални резултати и промени.
Време е да се реагира брзо, одлучно и непристрасно.
Време е да се стави вистински и траен „Стоп“ на меѓуврсничкото насилство.
Затоа што денес е тоа дете. Утре може да биде секое друго, стои во соопштението на здружението Балкански мост од Битола.
