| | |

(Видео) Доц. д-р Светослав Живков: Членовите на ВМРО во Горноџумајскиот регион стануваат жртви на Народниот суд во Бугарија (1944–1945)

Народниот суд во Бугарија (1944–1945) не само ја ликвидира политичката и економската елита на Бугарија – негови жртви се и обични луѓе кои го извршувале својот долг кон државата. Меѓу жртвите на судот се и членовите на ВМРО во Горноџумајската област. Уште повеќе се убиените без суд и пресуда. Ова во интервју за БГНЕС го изјави бугарскиот историчар доц. д-р Светослав Живков. Тој е дел од авторскиот колектив на зборникот „Народниот суд во Бугарија (1944–1945). Херои и антихерои“. Раководител на проектот е проф. д-р Мартин Иванов.

Доц. д-р Живков раскажа за начинот на кој функционирал Народниот суд и кои биле неговите жртви.

БГНЕС: Со какви методи Народниот суд ја ликвидира бугарската политичка и економска елита?

Светослав Живков: Видете, методите се дефинитивно насилни и квазисудски. Ги нарекувам квазисудски, затоа што станува збор за имитација на судски процес. Се повикува на различни меѓународни конвенции, но сам по себе, всушност, станува збор за пресметка – не само со политичките противници, туку со сите луѓе или со повеќето луѓе кои режимот, што е во процес на утврдување, ги смета за потенцијални противници.

Секако, меѓу тие луѓе има и некои кои во своето минато имаат, да речеме, профашистички или крајнодесни залетувања, но огромниот дел од судените од Народниот суд не се ниту фашисти, ниту нацисти, ниту воени злосторници. Не станува збор само за елитата – станува збор за огромен број обични луѓе кои се судени од страна на областните состави на Народниот суд.

Всушност, нашиот обид е токму тоа – да ги прикажеме во целина жртвите на Народниот суд. Таму има огромен број луѓе – занаетчии, трговци, свештеници – луѓе кои ги обединува тоа што си го извршувале својот граѓански и службен долг кон државата.

БГНЕС: Разбирам дека ова е првиот том од вкупно три и ги опфаќа процесите во Горноџумајската област. Сакам да прашам – има ли процеси против поранешни членови на ВМРО кои биле судени како фашисти, „ванчомихајловисти“ и сл.?

Светослав Живков: Секако, има и такви. Всушност, во овој прв том се вклучени материјали по азбучен ред. Опфатени се процесите во Бургаската, Варненската, Врачанската, Горноџумајската и, да не пропуштам некоја, мислам дека вкупно се пет области.

Од Горноџумајскиот регион со сигурност има дејци на ВМРО. Еден дел од нив се судени, бидејќи е познат факт дека дел од дејците на ВМРО се интегрираат во бугарската администрација во периодот на Втората светска војна – не толку како дејци на ВМРО, туку како пообразовани, поупатени Бугари. И, секако, тие стануваат дел од државната структура и соодветно влегуваат во опсегот на таа репресивна машина.

БГНЕС: Имате ли претстава колку луѓе се убиени пред Народниот суд – непосредно по 9 септември?

Светослав Живков: Видете, бројката што најчесто се споменува е околу 2730. Тоа се смртните пресуди. Секако, една од задачите на проектот, до која сè уште не сме стигнале целосно, е да ја прецизираме оваа бројка што е можно поточно.

Со сигурност таа е околу 2730, но треба да кажеме дека тоа е, всушност, мал дел од вкупниот број егзекутирани и ликвидирани луѓе во периодот по 9 септември. Многу повеќе се загинатите без суд и пресуда. За жал, не можеме да го утврдиме нивниот точен број, бидејќи недостигаат документи.

БГНЕС: Во Бугарија има ли масовни гробници слични на Худа Јама и Мацеснова горица во Словенија?

Светослав Живков: Имаме податоци за дел од егзекуциите – каде се извршени. Тоа се, всушност, областните состави, тогашните околиски структури. Имаме информации за дел од местата.

Секако, за сите случаи ќе треба да се помине низ целокупната достапна документација и да се направи резиме. Тешко дека ќе можеме да ги откриеме сите.

Но можам да кажам дека има податоци за Дупница, за Стара Загора исто така. Најчесто тоа се гробиштата – тоа е најчестото место каде што се вршеле вакви погребувања.

Слични Објави