Баналност на злото
Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес
Сеќавањето е како тивка казна, нужен, но неуморен потсетник на сите патеки што исчезнале. Што сме ние без нашите сеќавања? Без сеќавање осудени сме на тивко пропаѓање. Сеќавањето не’ обликува со текот на времето – тоа е галерија на моменти, живописни и прогонувачки. Некои се како стари фотографии што ве враќаат во времето. Ослободувањето на сеќавањето е деликатен и храбар чин на пркосење на времето. Понекогаш посакувам да можам да се ослободам од стегата што минатото ја има врз мене, сакам да избегам од него, но исто така, се плашам да не го заборавам. Сеќавањата се тука прогонувајќи не’ како духови. Во Македонија сеќавањето е проклетство, нужен потсетник на немоќта да се соочиме со сопственото минато – минато на радикалното зло на комунизмот. Затоа молчиме пред трауматското минато на оваа држава, одбивајќи да се сеќаваме на вредностите што злобниот чин ги наруши, вклучувајќи го и достоинството на жртвите и обемот и степенот на страдање и насилство што го издржале. Без историското сеќавање изградивме непробоен ѕид меѓу злото и нас.
На 2 април 2009 година, Европскиот парламент одлучи дека на 23 август секоја година треба да се одбележува Европскиот ден на сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими. Кога не си Европа нема причина да се сеќаваш, а не па да одбележуваш нешто имагинарно за овие простори. До кога ќе одбиваме да се сеќаваме на нашето тоталитарно минато, особено на постоење на жртвите на комунизмот, туркајќи ги во непостоење и тишина? Се’ уште живееме во општество кое не го прекина идеолошкото маркирање на мртвите на наши и оние кои не заслужуваат ни гроб, ниту сеќавање. Но, затоа имаме секакви меѓународни денови за славење. Меѓународен ден на јогата, џезот, велосипедот, чајот… и што уште не. Не дека не возам велосипед, или не слушам џез. Немам ништо против славање на денови на се’ и сешто, но навистина е неприфатливо и чудно што жртвите на една од најсуровите диктатури досега немаат ден за комеморација. Сите ние им должиме на жртвите на комунизмот сеќавање и правда за злото што го трпеле. Но, за жал, се’ додека оние кои оперативно се поврзани со комунизмот во Македонија одбиваат да ја прифатат вистината за системот на кој служеле, ќе продолжиме да живееме во морално збунет свет, неспособни да се движиме напред кон слобода и демократија.
Затоа Македонија продолжува со омаложувањето и дехуманизирање на жртвите на комунизмот. Продолжува нивното страдање и страдањата на нивните фамилии, континуираната неправда и ерозија на нивното човечко достоинство. Тоа е таа баналност на злото за која зборува Хана Арент. Сеќавањето на жртвите на комунистичкиот режим на Тито во Македонија е фрлено во заборав, бидејќи поранешните комунистички апаратчици и денешните апологети на тој систем, кои во годините на градење на македонската држава заземаа високи позиции во таканаречените демократски институции, се’ уште ја носат црвената ѕвезда со одвратна гордост. Се’ додека Македонија не ги криминализира симболите на минатиот тоталитарен режим што ја дефинираше националната политика на поранешна Југославија, ќе останеме заглибени во тињата на срамната историја на овој народ. Во Македонија може да ги најдете причините зошто убиствениот југословенски комунистички режим се’ уште е жив. Лагите за просперитетот на живеењето во Југославија се’ уште ги пополнуваат пукнатините на системот, што се чини дека ја откриваат грдата вистина за комунистичка Југославија.
Македонија мора, преку историското сеќавање, да изгради ново размислување за злото. Тој нов концепт на злото мора да биде збир на основни разлики: жртва на злото и морална штета (лицето кое претрпува физичка и морална повреда); продолжувач на злото (поединец, група, култура, општество); намера и мотивација за извршување зло против друг; вредности што злобниот чин ги нарушува, вклучувајќи го и достоинството на човечките суштества; обемот и степенот на страдање и насилство. Покрај таквите елементи што ја формираат нашата концепција за злото, начинот на кој го разбираме злото мора да се однесува и на нашите капацитети да одговориме на злото: казна, сеќавање, помирување, простување и жалост. Се’ додека перцепцијата и наративот за злото на поранешниот „социјалистички систем со човечки лик“ остане надвор од историското сеќавање на македонскиот народ ќе бидеме осудени да ги правиме истите грешки и никогаш да не учиме од нив.
Срамно е што Македонија продолжува да прави отстапки пред интегралното зло на нашето историско минато. Судејќи според континуираниот наплив на отстапки направени пред очите на нашата сопствена генерација, далеку сме од правда за жртвите на комунизмот во Македонија. Деструктивната моќ на тишината и на непреземената вина за злото во историјата на македонскиот народ, не’ прави ранливи како држава која не еволуирала во функционална демократија. Сеќавањето на жртвите на комунизмот и доследното повикување на историјата може да функционира истовремено како егзорцизам и терапија. Тоа е ослободување на општеството од самонаметнатата амнезија на историјата за злото во македонското општество. Колку пати треба да потсетувам дека е време за сеќавање, зашто тоа е најдобриот начин да се соочиме со злото на комунизмот во целиот негов ужас и да спречиме тоа да се повтори. Зашто злото на комунизмот никогаш не им изгледало банално на жртвите, како што сака да го претстави историското сеќавање кај нас.

