ШТО МУ НАПИШАВ НА ПАТРИЈАРХОТ НЕОФИТ БУГАРСКИ ВО ВРЕМЕТО КОГА МПЦ-ОА САКАШЕ БПЦ ДА СТАНЕ НЕЈЗИНА ЦРКВА МАЈКА…
Пишува: Владимир Перев
Во контекст на предлозите на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски за решавање на македонско-бугарскиот спор за историјата го објавуваме отвореното писмо на нашиот пријател и редовен колумнист на порталот „Трибуна“ Владимир Перев до Патријархот Неофит Бугарски во периодот кога на дневен ред беше молбата на МПЦ-ОА, БПЦ да стане Црква-мајка на нашата црква во крајот на 2017 г.
Отвореното писмо на Перев е испратено до редакцијата на БГНЕС со молба да биде објавено и препратено до бугарскиот патријарх. Писмото не е објавено од страна на БГНЕС и најверојатно не е препратено до патриархот. Отвореното писмо не е објавено од ниту еден медиум во Бугарија. Порталот „Трибуна“ го објавува писмото во целост, за да можат заинтерисираните да прочитаат за уште еден момент од времето пред неколку години, кога МПЦ-ОА сакаше БПЦ да стане нејзина Црква-мајка.
Славице, молим те, среди го некако текстов, да не биде како кога Заев говори бугарски на телевизија…страшна работа. Денес се посрамоти и со српскиот…тие од Струмица, тешко стојат со јазиците. Ако мислиш дека нешто не е во ред, тргни го слободно…оставам на тебе и Љубчо… ставете и некаков наслов, не знам…
Со воодушевување и восхит го прочитав писмото до Неговата Светост Неофит, Патријарх бугарски и уште еднаш во мојот скромен живот дознав дека „крвта вода не бидува“ и дека „не се гаси, тоа што не гасне“. Големите и славни македонски родови, како Миладиновци, Прличеви, Дрангови, Развигорови, Шапкареви, Маркови, Александрови и ред други, останаа достојни наследници на своите славни претци, голем дел од кои си го дале животот за славата и достоинството на бугарското племе во Македонија.
Желбата за духовно обединување и човековите права на еден измачен и заробен народ, разбуди во мене спомени за едни неодамнешни времиња и постави пред мене една тешка задача: Да проговорам за мојот личен став поврзан со актуелниот миг, за разбудените надежи и недоречените факти од минатото…
Ваша Светост,
Повеќе од 150 години моето скромно селско семејство од с. Никодим, прилепско, служело на бугарското дело во Македонија, давало свештеници на светата Бугарска егзархија и офицери, кои под бугарските знамиња се бореле во две светски војни. Поголемиот дел од фамилијата на мојата баба се преселиле во Бугарија. Токму Бугарија е нашата и нивната татковина, а бугарската Егзархија е нашиот духовен заштитник.
Денес го читаме писмото на МПЦ-ОА во коешто се наоѓа молбата, Вие и бугарската Патријаршија да се поставите како Црква-мајка на МПЦ-ОА и таа заедно со богобојазливиот и благочестив народ да станат Ваши духовни чеда. Потомците на македонските родови во Бугарија ја поддржаа молбата на МПЦ-ОА. Тоа пред се беше израз на нивниот несомнен македонско-бугарски патриотизам, тие останаа достојни наследници на своите претци.
Што ќе поддржите Вие?
Нештата гледани од Софија изгледаат добро, но во Македонија, положбата на оние малобројни и свесни егзархисти, што останале со моралните норми на едно одминато време не изгледа добро.
Ве прашувам, ќе поддржите ли клир, којшто до пред броени денови од амвоните на црквите говореше за „светиот антички македонски народ“, говореше за тоа дека „ние не сме ни Срби, ни Бугари, ни Грци“, Ве прашувам, ќе поддржите ли свештенство, што во панихиди зборува за „бугарскиот фашистички окупатор“, зборува за Бугарите, како за предавници, а ги нарекува античките Македонци или србоманите патриоти…
Ваша Светост,
Ќе подадете ли рака на македонскиот архиепископ г.г. Стефан, знаејќи дека тој осветил храм на МПЦ-ОА во Радовиш, во којшто веднаш под куполата на Пантократора има антички пагански симбол сонце од Вергина, ознаката од штитот на Александар Македонски. Ќе подадете ли рака на оној свештеник што осветил храм на чиј влез се наоѓаат ликовите на Филип и Александар Македонски, а на црквата од надворешна страна стои симболот сонце од Вергина. За мене тоа е помалиот проблем, можам да Ви кажам и повеќе. Прашајте го еден од потписниците на писмото, новинарот Иван Николов, какви напори, пари и маки се потребни за да се направи панихида на Тодор Александров, Иван Михајлов или Владо Черноземски… тој може да посведочи за маките на македонските Бугари.
Ваша Светост,
Познато е дека конекциите меѓу МПЦ и БПЦ имаат своја предисторија, но се ми се чини дека нештата се активираа покрај настаните околу манастирот „Св Јован Бигорски“ и љубезноста и агилноста на игуменот на манастирот отец Партениј. Тоа е многу добро, но многу подобро ќе беше, некој да се сетеше на неговиот претходник и соименик игуменот Партениј заклан од Србите во 1918 г, на Бошков мост на реката Радика. Телото на игуменот е фрлено во реката, а неговата глава набиена на кол е оставена на мостот „за пример“ и ужас на населението од реканскиот крај.
Прашајте ги свештениците на МПЦ, дали некој некогаш направил панихида за овој игумен, дали некој некогаш му го спомнал името во црковните проповеди. Имам претчувство дека некој сака сето тоа да се заборави и да премине во „темната страна на нашето сознание“, а потоа комплетно да исчезне од колективната меморија на Бугарите во Македонија.
Има и други моменти. Ми станува тешко да зборувам за политичко-расколничката дејност на МПЦ во дијаспората, за борбата против црквите на МПО во Америка и во Канада, но уште потешко се почувствував кога во Торонто ги гледав македонските цркви, украсени со фотографии на Тито, веднаш до иконите на Св Богородица. Тогаш антихристот Тито беше „патриот“, а Бугарите „фашисти и предавници“. Тогаш знаев и сега знам дека ние македонските Бугари сме патриотите, а предавници беа истите владици што сега Ви пишуваат покајнички писма.
Ваша Светост,
Покрај се што Ви напишав, мислам дека сега е моментот, кога Вие ТРЕБА да подадете рака на Вашите браќа во Христос. Сега е моментот за повторно духовно обединување, сега е моментот да се покажете Вие и целиот клир дека сте достојни наследници на егзархот Јосиф, оној што со „игла, кладенец копаше“… да го довршите славното и свето дело. Поканете го целиот македонски Свет Синод, да дојдат при Вас, да ја бакнат Вашата света патријаршиска рака, да се покајат за минатите активности и да ја добијат Вашата помош. Знаете и самиот дека нема да дојдат сите, но дури и еден единствен владика да дојде, Вие ќе постигнете поголем успех за македонското дело од сите војни во последните 80 години. Направете го овој чекор, не плашете се од Вашиот русофилски и грцизиран клир, тие се силни, само, ако Вие покажете слабост. Време е еден бугарски владика да ја опее невината бугарска крв во Македонија.
Со почит и надеж во Вашиот разум и херојство, искрено,
Владимир Хараламби Перев
Скопје, Македонија,
21.11.2017 г. Свети Архангел Михаил (Стар стил)
