Банатски Бугари свиреа бугарски фолклор во симфониска интерпретација во Софија
Концертот „Глас: Симфониска интерпретација на бугарската музика“ се одржа во салата „Бугарија“ во Софија, под покровителство на потпретседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова. Проектот, дело на Сојузот на банатските Бугари и младиот композитор и банатски Бугарин Георге Денис, претстави симфониско звучење инспирирано од бугарскиот фолклор. Настанот се одвиваше со учество на Софиската филхармонија под диригентската палка на Константин Илиевски.
Банатските Бугари претставуваат најстарата бугарска дијаспора во Романија. Тие се официјално признато малцинство и имаат свој претставник во парламентот – Георгиј Наков.
„Без разлика каде живееме во светот, ние сме Бугари и нè поврзува големата љубов кон Бугарија. Нè обединува бескрајниот простор на бугарскиот јазик,“ истакна потпретседателката Јотова во своето обраќање.
Со зборовите: „Вие сте директната врска меѓу Татковината и нејзините чеда што не живеат во неа,“ пратеникот Георгиј Наков ѝ се заблагодари на Јотова за поддршката кон банатските Бугари.
Концертот во Софија беше дел од одбележувањето на значајни јубилеи на банатските Бугари во Романија. Оваа година се навршуваат 280 години од основањето на првото бугарско училиште надвор од границите на земјата – Теоретскиот лицеј „Св. Св. Кирил и Методиј“ во Стар Бешенов. Во септември потпретседателката Јотова беше официјална гостинка на свеченоста по повод јубилејот.
Во 2025 година, заедницата ќе го одбележи и 35-годишниот јубилеј од создавањето на Сојузот на банатските Бугари, како и од издавањето на првиот број на весникот на здружението – „Наш глас“.


