Бановински (политички) идентитет
Facebook статус на Никица Корубин
Одбележувањето на “100 годишнината од постоењето” на Археолошкиот музеј денес, за жал не е првоаприлска шега. Иако, и како шега не би била смешна, но како вистина е прилично трагична. Од политичка, историска, па дури и археолошка перспектива. Можеби на надлежните во институцијата, но и во надлежното министерство, им било привлечно да стои бројот 100, како доказ за долговечност; но тоа е суштински неточно, историски погрешно и политички недозволиво.
Археолошкиот музеј на Северна Македонија, денес, е државна институција, што значи дека нејзиното постоење, делување и функционирање се врзува за државата. Според тоа сите јубилеи што се одбележуваат се поврзани со државата Северна Македонија, која и според нашиот устав својот уставно-правен континуитет го влече од поранешна СФРЈ, каде тогаш сме постоеле како автономна Република. Што би значело, изразено во години, сите јубилеи најрано можат да се мерат од 1945 година. Terminus post quem. Порано од тоа не може. Па, како тогаш Археолошкиот музеј дојде до бројката 100?
Порталот Умно, објави денес сеопфатен текст (“Археолошкиот музеј одбележува 100 години од основањето”) за овој “јубилеј”, во кој меѓу другото вели, превземено од архивата на музејот : “Членови на Скопското научно друштво … ја формирале збирката на камени споменици која станала иницијална колекција на Музејот на Вардарската Бановина, формиран на 1 април 1924 година, со што е поставен темелот на музејската дејност во Македонија”. Што би значело дека Археолошкиот музеј одбележува 100 години од Вардарската Бановина?
На страна што, дури и во оваа архива од тоа време, многу поточно се дефинираат работите, а тоа е “музејската дејност во Македонија”, а не институционалноста. Иако, и ова е многу поточно и тоа е суштински недоследно, затоа што пак археолошката дејност е многу постара и барем во базични научни манири, досега до 19-от век, каде би биле опфатени многу домашни и странски научници кои придонеле за откривањето и развојот на археологијата; кои на овој начин се целосно институционално избришани.
“Со формирањето на Археолошкиот музеј на Македонија во 1949 година …”, како што продолжува текстот на порталот Умно, е единствениот институционален датум, на кој може да се повика Археолошкиот музеј за свој јубилеј. 77 годишнина е исто така убава и симболична бројка. И што е најважно фактографска. Што е исклучително битно за институција каде што фактите се пред се’.
Затоа, должност е на една таква институција да внимава што и зошто одбележува, да го почитува уставот, да го следи политичкиот континуитет, и да се сеќава и да ја одбележува “дејноста”, а пред се’ да работи ефективно на неа сега. Можете “музејската дејност” да ја одбележите, да ги промовирате и осветлите корените на археологијата, но не може институционалноста да ја поврзувате со непостоечка државна формација.
Затоа што за “идентитетот” станува збор, зарем не? Толку политикантски присутно деновиве, и толку (не)намерно индикативно и во овој случај. А, прецизноста никогаш попотребна. Институционалноста не е прашање на перцепција, туку на факти.

