„Беше како да пропаѓа светот, а тврдеа дека сме безбедни“: исповед на туристи кои го преживеаја огнениот пекол на Родос
Борбата против шумските пожари низ Грција продолжува деветти ден по ред. Пожарникарите се борат да го изгаснат пламенот на четири главни фронтови, додека светот гледа страшни сцени од масовната евакуација на туристите на Родос, островот кој е најтешко погоден од огнениот пекол.
Властите деноноќно работат на контролирање на бројните пожари во Грција. Премиерот Киријакос Мицотакис рече дека земјата е „во војна со оган“ и дека напорите се концентрирани на гаснење на пожарите што беснеат на островите Евија и Крф, веднаш до Родос.
„Оваа битка е тешка и така ќе биде се додека условите се тешки“, изјави премиерот пред грчкиот парламент и предупреди дека на земјата и претстојат три најтешки денови, бидејќи се очекува дополнително зголемување на температурите, а ветровите беснеат над исушената земја.
Властите, исто така, ја засилија евакуацијата, наредувајќи им на луѓето да ги напуштат хотелите и домовите.
Се проценува дека во текот на ноќта во понеделникот 2.466 граѓани ги напуштиле своите домови во 17 села долж северниот брег на Крф, додека стотици биле принудени да се евакуираат во Евија.
Туристите зборуваа за паничните моменти за време на викендот, кога ја поминаа ноќта во армиски камиони на плажите, пред да бидат качени на бродовите на грчката морнарица.
Дин Мејсон (56) од Велика Британија ги опиша пожарите на Родос како да се наоѓал „блиску до смртта“.
Мејсон пред една недела пристигна во хотелот на плажата Киотари со сопругата, ќерката и четиригодишната внука.
„Тоа беше првиот одмор на внука ми во странство. До вторник наутро можевме да видиме големи облаци од чад што се издигнуваат од центарот на островот. Не натераа да веруваме дека се е под контрола. Никој не изгледаше особено загрижен, а потоа ситуацијата одеднаш се влоши“, раскажува тој.
„Во петокот вечерта стана прилично лошо, врз нас паѓаа парчиња пепел, но хотелот повторно не увери дека се е во ред. Саботата наутро ја поминавме во базенот. Беше убаво и многу топло, и многу поветровито од претходните денови“, рече тој.
Веќе во саботата наутро можеа да се забележат многу големи облаци од чад како се приближуваат до нашето сместување.
„Луѓето почнаа да се гледаат едни со други. Не многу долго потоа, можеше да се види како небото се полни со чад. За пет минути можев да видам пламен на ридот околу нас. Потоа се вклучи алармот на хотело“, вели тој.
Семејството се вратило во својата соба за да го спакува рачниот багаж и да ги земе пасошите пред да избега на плажата.
„ Имаше само многу хотелски персонал кој велеа: „Излези, бегај“. Имаше целосен недостаток на каква било структурирана поддршка. Имаше многу хистерија. Бевме покриени со пепел, сонцето беше целосно покриено со жолт чад“, рече Мејсон.
Семејството беше поделено бидејќи локалните жители ги однесоа со чамци во две различни околни заедници, пред да бидат повторно обединети неколку часа подоцна во центарот на Линдос.
„Илјадници луѓе очајно сакаа да избегаат. Чувствувавме дека светот ќе заврши“, изјави Мејсон.
На крајот, семејството успеало да обезбеди места во авионот за враќање во Велика Британија.
„Нашите работи се уште се во хотелот, но мислам дека имавме неверојатна среќа што го напуштивме таму неповредени“, додава тој.

