БИТ ФЕСТ: ПИЈАНО КОНЦЕРТ НА МАУРИЦИО АНУНЦИАТА
Поради лошите временски услови и краткиот прекин во напојувањето со електрична енергија во дел од градот, аргенстинскиот композитор и пијанист Маурицио Анунциата, својот пијано рецитал го започна под светло од свеќи и мобилни телефони. Неговиот професионализам и вештина, предизвикаа силни емоции и голем аплауз од публиката. Неговата енергија и концентрираност кон изведбата на делата од Алберто Вилијамс, Енрике Гранадос, Франц Лиц и други, како и „Двете страни на Буенос Аирес“ и Пијано соната бр.8 „Македонија“, овозможија исклучителен концерт, преку кој уште еднаш се потврди она што медиумите во Швајцарија, Шпанија, Аргентина, го пишувале за него, нагласувајќи дека неговото техничко мајсторство, убавина и експресивност на идеи, ја достигнува висината на големите европски национални школи, а неговата оригиналност во музичкиот израз, секогаш знае да го привлече вниманието на публиката, која експлодира со силен аплауз.
Токму таков беше и концертот на Маурицио Анунциата кој се одржа во Завод и музеј, а кој го проследи и градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, која на крајот на концертот, со задоволство нагласи дека, позитивната енергија на изведувачот, ја избрка темнината.
Со овој настап, битолчани имаа уште една можност да уживаат во несекојдневен концерт.