БНБ пушта сребрена монета посветена на Преображенскиот манастир
Бугарската народна банка (БНБ) на 3 август 2026 година пушта во оптек сребрена колекционерска монета „Преображенски манастир“, со номинална вредност од 10 евра. Монетата е дел од серијата „Бугарски цркви и манастири“, ќе чини 132 евра, односно 258,17 лева, а тиражот е 5.000 примероци, јавува БГНЕС.
На предната страна е прикажан стилизиран приказ на фреската „Тркалото на животот“ од Захариј Зограф, додека на задната страна се претставени манастирскиот комплекс и орнаментиран крст.
Преображенскиот манастир „Свето Преображение Господово“, сместен крај реката Јантра во близина на селото Самоводене, е четвртиот по големина манастир во Бугарија. Основан е во времето на Второто Бугарско Царство, а во 1360 година добил автономија. Поради поддршката од царицата Теодора (Сара) и царот Иван Шишман бил познат и како „Сарин“ или „Шишманов“ манастир.
Обновата на манастирот започнала во 1825 година под водство на отец Зотик. Во изградбата учествувале мајсторите Димитар Софијанлијата и Кољо Фичето, а фреските и иконите се дело на Захариј Зограф и Станислав Доспевски. Манастирот бил значајно културно и револуционерно средиште, посетувано од бугарските револуционери и војводи Васил Левски, Филип Тотју, Ангел Канчев и поп Харитон.
Монетата ќе се продава на касите на БНБ во Софија, при што секој полнолетен клиент ќе може да купи само еден примерок. До крајот на 3 август таа ќе биде доставена и до шест бугарски банки и до државната ковачница за продажба во нивните филијали.

