| |

Еден од највлијателните научници во сферата на современата технологија за 3D компјутерска визија станува дел од тимот на INSAIT

Професорот Марк Полефејс, еден од највлијателните светски научници во роботиката и компјутерската визија, станува дел од Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии – INSAIT на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Тој ќе соработува со истражувачите на институтот на иновативни проекти во роботиката, просторната вештачка интелигенција и компјутерската визија, јавува бугарското Министерство за образование и наука.

Полефејс е познат по развојот на првиот софтверски систем за автоматско создавање детални тридимензионални модели од фотографии, со што ги поставил основите на современата 3Д компјутерска визија. Неговите истражувања придонеле за развојот на првиот автономен дрон управуван преку компјутерска визија, Google Project Tango, Google Maps Live View и Microsoft HoloLens 2.

Тој е и еден од создавачите на широко користените алатки со отворен код COLMAP, за изработка на прецизни 3Д модели од фотографии, и LightGlue, за брзо препознавање и споредување слики.

По магистерските и докторските студии на Католичкиот универзитет во Левен, Полефјс работел на Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил. Од 2007 година е професор по компјутерски науки на ЕТХ Цирих, каде што ја раководи Лабораторијата за компјутерска визија и геометрија, како и Microsoft Spatial AI Lab во Цирих.

Полефејс е носител на признанија од IEEE, ACM и ELLIS, а член е и на Academia Europaea и на Кралската фламанска академија на Белгија за науки и уметности. Меѓу неговите награди се David Marr Prize, ERC Starting Grant, грант од Швајцарската национална научна фондација, Packard Fellowship и NSF CAREER Award.

Автор е на повеќе од 500 научни трудови со над 80.000 цитирања и поседува повеќе од 30 патенти. Бил генерален претседавач на конференциите ICCV во 2019 и ECCV во 2014 година, како и основач и прв претседател на Европската асоцијација за компјутерска визија.

Неговото приклучување кон INSAIT претставува нов чекор во развојот на институтот како меѓународен центар за врвни истражувања и дополнително го зајакнува стратешкото партнерство со ЕТХ Цирих.

Слични Објави