Божинов: Владата на СДС спојува концесии, а нивните локални раководства пред народот глумат загрижени граѓани
„Морам да кажам дека забележително е и лицемерието на власта, особено на СДС, чија влада дели и спојува концесии, а чии пратеници и локални раководства, пред народот глумат загрижени граѓани, па уште ме повикуваат да се изјаснам“, обвинува Ѓорѓе Божинов, градоначалник на Општина Ново Село.
„Ќе беше многу попрoдуктивно, истото тоа да го направеа и да побараа став од нивната влада во моментот кога носеше одлуки за спојување на концесиите и кога се исполнуваше апетитетот на ДУИ, компанијата на Дестани, Еколог да влезе во сопствеништвото на рудникот Иловица. Да бидеме на јасно, јас сега и секогаш ќе бидам против секој кој ќе работи против здравјето на моите граѓани. Јас сега и секогаш ќе бидам против секој кој ќе ги крши законите и ќе прави пари на грбот на граѓаните“, вели Божинов.
Тој ги повика пратениците и локалните раководства на СДСМ да ја повикаат нивната влада да одговори на неколку прашања.
„Зошто досега не се одзема едната концесија за експлоатација на Еуромакс? Зошто наместо тоа, Владата донесе одлука за спојување на двете концесии во една од кои едната од нив е неважечка? Дали колегите од СДС ќе се придружат кај мојот апел до истражните органи дека е потребно сериозно да се позанимаваат со ваквиот грабеж на природните богатства на Република Македонија!“, пишува на социјалните мрежи, градоначалникот на Општина Ново Село.