|

БРИТАНИЈА ВО ПЕТОК НА ПОЛНОЌ ИСТАПУВА ОД ЕУ

Велика Британија ќе стане првата земја што ја напушти Европската унија во петок по три и пол години макотрпен процес. Брегзит, процес што предизвика длабоки поделби во земјата, ќе настапи официјално во петок во 23 часот по локално време, или на полноќ по средноевропско.

Помеѓу Велика Британија и другите 27 земји, сè друго допрва треба да се договори. Усогласеното истапување е само почеток на преговорите за регулирање на идните односи. Ѕвоното на Бог Бен нема да го слави Брегзит, но ќе се вклучи часовник на Даунинг стрит кој ќе го одбројува времето до излегувањето од ЕУ. Жестокиот заговарач за Брегзит, премиерот Борис Џонсон, ќе се обрати пред нацијата истата вечер.

За крај на 47-годишната врска меѓу Велика Британија и Унијата, останува само една друга формалност – договорот мора да го потврдат европратениците, кои ќе го сторат тоа во среда. Датумот на заминување, 31 јануари, всушност е претежно симболичен, бидејќи малку ќе се промени во реалноста.

Договорот предвидува преоден рок, до 31 декември, до кое време двете страни мора да се договорат за идните односи, особено трговијата. До тогаш, Велика Британија ќе ги применува европските правила, но нема да има право на глас.

Знак дека започнува нова ера е, сепак, назначувањето на амбасадорот на ЕУ во Велика Британија, Жоа Вале де Алмеида кој веќе ја вршеше таа функција во Соединетите држави. Тој ја презема работата на 1 февруари.

Борис Џонсон сака што поскоро да ги заврши преговорите за идните односи и цврсто го отфрла продолжувањето на периодот на транзиција. Тој неколку пати рече дека сака договор сличен на она што ЕУ го има со Канада.

Во исто време, Лондон сака да преговара за свои договори за слободна трговија со други земји, особено со Соединетите држави. Сепак, преговорите може да бидат тешки бидејќи Лондон објави дека ќе го задржи дигиталниот данок и покрај незадоволството на САД. Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигнува во Лондон на 29 јануари за да се сретне со Џонсон, да ги потврди „специјалните односи“ и да разговара за тоа како да ги „продлабочи по Брегзит“.

Слични Објави