| |

Бугарија даде можност на РСМ да го диверзифицира снабдувањето со гас

Бугарскиот оператор за пренос на гас „Булгартрансгаз“ ЕАД и операторот на системот за пренос на гас на Република Северна Македонија „ГА-МА“ АД потпишаа договор за интерконекција на точката Ќустендил/Жидилово. Така, Северна Македонија доби можност да ги диверзифицира испораките на гас, јавува БГНЕС.

Договорот го потпишаа Владимир Малинов, извршен директор на „Булгартрансгаз“ и Александар Арсиќ, извршен директор на операторот на системот за пренос на гас на Република Северна Македонија „ГА-МА“ АД.

Владимир Малинов истакна дека овој договор е резултат на долгогодишна работа.

„Со овој документ се дава дополнителна можност за алтернативно снабдување со природен гас на РСМ и се дава можност и за користење на складиштето, чиј сопственик е Булгартрансгаз“, нагласи тој. Малинов, кој прецизираше дека на годишно ниво количината на природен гас што ќе поминува по трасата е околу 500 илјади кубни метри дневно и околу 180-200 милиони кубни метри годишно.

Извршниот директор на македонскиот оператор Александар Арсиќ истакна дека со овој договор РСМ се стекнува со либерализација на природниот гас. „Ова е историски ден меѓу двете земји“, додаде тој.

Документот беше потпишан во присуство на в.д. министер за енергетика Росен Христов, министерот за економија на Република Северна Македонија Крешник Бектеши и амбасадорката Агнеса Руси.



Слични Објави