| |

Бугарија и Полска ќе ја продлабочуваат соработката во областа на сајбер-безбедноста

Бугарија и Полска, како земји членки на Европската унија, треба да ја зајакнат соработката и во сферата на сајбер-безбедноста, како и во изградбата на отпорни системи за заштита од сајбер закани. Ова го изјави министерот за електронска управа на Бугариja Валентин Мундров на средба со Кшиштоф Гавковски, заменик премиер и министер за дигитализација на Полска, соопшти прес-службата на министерството.

„Само обединети можеме да се справиме со глобалните предизвици кои бараат заеднички европски одговор,“ нагласи министерот Мундров.

Меѓу темите на разговор беше и потенцијалот за поблиска соработка меѓу двете држави преку размена на искуства во развој на мобилна апликација и дигитален паричник за граѓаните. Двајцата министри се согласија дека се потребни координирани активности за воведување на иновативни решенија што ги ставаат граѓаните и бизнисите во центарот на административните услуги.

Министерот Мундров го запозна полскиот колега со мобилната апликација „еЗдравје“, преку која секој граѓанин има сигурен и удобен пристап до своето електронско здравствено досие во секое време и од кое било место. „Нашите напори се насочени кон постојано надградување на услугите кои се нудат во мобилната апликација. Во таа насока работиме во добар синхрон со лекарите и со колегите од Министерството за здравство,“ истакна Мундров.

Двајцата министри го потврдија заедничкото гледиште дека приоритет за двете министерства е дигитализацијата на администрацијата, укинување на хартиената документација, како и надградување на е-услугите кои државата ги обезбедува.



Слични Објави