Македонија и Турција ќе разменуваат наставно – научен кадар, ученици и студенти
Македонија и Турција се подготвуваат да потпишат протокол за соработка во областа на науката, технологијата и иновациите. Документот е во завршна фаза, а деталите беа разгледани на денешната средба меѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и турскиот амбасадор Фатих Улусој.
Од Министерството за образование и наука информираат дека двете страни ја изразиле подготвеноста процесот да биде финализиран до крајот на годината. Очекувањата се потпишувањето на протоколот да придонесе за посилни односи меѓу двете земји, со засилена соработка на образовните и научните институции, размена на наставно-научен кадар, како и на ученици и студенти.
На средбата, министерката Јаневска го претстави концептот за основање на првиот технолошки парк во Скопје, при што турската страна изрази подготвеност да ја поддржи иницијативата преку ангажирање на претставници од турската бизнис заедница во Македонија.
Разговорите опфатија и унапредување на наставата на турски јазик во Македонија, која ја следат над 8.000 ученици. Во таа насока, предвидени се повеќе обуки за наставниците, како и вложување во дополнителни наставни материјали и современа опрема.
