Бугарија ќе побара помош од ЕУ за гасење на силните пожари – најкритично во Струмјани и Трн
Бугарија ќе побара помош од Европската унија за справување со силните пожари кои зафатија повеќе региони во земјата. Одлуката е донесена по состанокот на кризниот штаб за елементарни непогоди при Министерството за внатрешни работи (МВР), јавува БГНЕС.
„Во 18:30 часот, министерот за внатрешни работи Даниел Митов, во координација со премиерот Росен Желjазков, издаде наредба за активирање на штабoт за елементарни непогоди при МВР и ставање во сила на планот за дејствување при пожари,“ изјави заменик-министерот за внатрешни работи Тони Тодоров.
Организирана е координација со гувернерите на најпогодените области. Најтешка е состојбата во општина Струмјани, во Благоевградскиот регион, каде што на терен е и директорот на пожарната служба, Александар Џартов.
„Предложено е до министерот за внатрешни работи да се побара активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Преку него можеме да побараме различни ресурси за помош од партнерските земји,“ објасни Тодоров.
Иако засега нема директна опасност за населените места, пожарите се многу силни. Во регионот на Трн постои ризик огнот да се прошири и на територијата на Србија.
„Веќе е испратено официјално барање до ЕУ. Бараме четири противпожарни авиони – два за Струмјани и два за гасење во Трн,“ додаде Тодоров.

