Бугарија ќе продолжи со инвестиции во нуклеарната енергија, 70% од граѓаните ја поддржуваат иницијативата
Бугарија, со повеќе од 50 години искуство во областа на нуклеарната енергија, има намера да продолжи со инвестициите во овој сектор. Околу 70% од населението ја поддржува оваа иницијатива, изјави министерот за енергетика Жечо Станков, пренесува БГНЕС.
Станков учествуваше на бугарско-корејски енергетски форум посветен на зголемувањето на конкурентноста на бугарската економија. Тој потсети дека владата донела одлука да развива нуклеарна енергија и да инвестира во изградба на два нови блока во рамките на проектот за нуклеарната централа „Козлодуј“.
„Ова е клучна одлука за обезбедување на енергетска сигурност на Бугарија. Не можеме сами да ги реализираме нашите планови, затоа работиме со компании од Република Кореја. Се надевам дека следната година ќе имаме конечна инвестициска одлука“, изјави министерот.
Тој истакна дека Бугарија гледа голем потенцијал не само во инвестиции во големи реактори, туку и во малите модуларни реактори (SMR). „Нашата држава може да учествува дури и како миноритарен партнер и да биде дел од развојот и примената на технологиите за малите модуларни реактори. Во иднина ќе ги разгледаме можностите за вакви инвестиции во земјата“, додаде Станков.
Министерот се осврна и на потребата од инвестиции во системи за складирање енергија, како што се акумулатори, потсетувајќи на неодамнешниот „блекаут“ во енергетските системи на Шпанија и Португалија. „Имаме потреба од технологии што ќе создадат мост помеѓу различните извори и ќе ја стабилизираат енергетската мрежа. Бугарија може да стане балансирачка енергетска сила на Балканот — за регионот што ги опфаќа Грција, Србија, Романија и до Унгарија“, подвлече тој.
Станков нагласи дека бугарската влада има јасна визија за промени во енергетскиот сектор, кои вклучуваат и брзи, мали проекти, покрај големите инвестиции во Козлодуј.
