Бугарија ќе се приклучи кон европските решенија за рускиот гас
Откако заврши дерогацијата, увозот на руска нафта во Бугарија е целосно прекинат. Во рафинеријата „Нефтохим“ веќе не се преработува сурова нафта од Русија, а на пазарот повеќе нема нафтени производи со вакво потекло, изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков. Тој додаде дека Бугарија ќе се приклучи на заедничките европски одлуки за постепено прекинување на зависноста од рускиот природен гас.
Во краткорочен план, до 2026 година, ќе бидат раскинати сите договори за користење или транзит на руски гас, а во подолг рок, до 2028 година, тој целосно ќе биде исклучен од бугарскиот енергетски пазар.
Во моментов целокупната потрошувачка на гас во земјата – и за индустријата и за домаќинствата – се покрива со увоз на втечнет природен гас, преку специјализираните терминали. Веќе се договорени испораки за октомври и ноември од САД, под „многу поволни услови“, информира владата.
