| |

Бугарија e на третoто место во ЕУ според чистотата на водите за капење

Бугарија се наоѓа на третото место во Европската Унија според чистотата на водите за капење, пред дестинации како Шпанија, Италија и Хрватска. Ова ја позиционира земјата како една од најпосакуваните за морски туризам, врз основа на објективни еколошки критериуми, пишува Вести.бг.

Податоците потекнуваат од годишниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕАОС), со седиште во Копенхаген, цитиран од изданието Which?. Според извештајот, вкупно 96% од зоните за капење во ЕУ ги исполнуваат минималните стандарди за квалитет, а 85% од над 22.000 тестирани места ја добиле највисоката оцена – „одлично“.

На врвот на ранг-листата е Кипар, каде што 100% од водите се оценети како одлични. Второто место го зазема Грција со 97,1%, а веднаш зад неа е Бугарија со 96,9%. Во групата земји со висок квалитет на водите се и Австрија, Данска, Германија, Италија, Шпанија и Хрватска.

На другиот крај се државите со значителни проблеми. Во Албанија само 16,8% од водите за капење се со одличен квалитет, додека 23% се оценети како „лоши“ поради присуство на фекални бактерии. Меѓу земјите со најниски оцени се и Естонија со 56,9%, Полска со 58,7% и Унгарија со 64%.

За информиран избор, Европската агенција за животна средина одржува интерактивна карта преку која корисниците можат да го проверат квалитетот на водата на конкретна плажа, езеро или зона за капење во Европа.



Слични Објави