| |

Бугарија станува клучна рута за американски LNG кон Украина и регионот

Бугарија е на прагот да заврши клучни етапи од изградбата на Вертикалниот гасен коридор, а до крајот на 2026 година во употреба ќе бидат пуштени два од планираните проекти. Коридорот ја поврзува гасната инфраструктура од југ кон север и овозможува транспорт на течен природен гас, вклучително и од САД, од Грција кон Украина и земјите од Централна и Источна Европа, изјави министерот за енергетика Трајчо Трајков на состанок во Вашингтон, пренесува бугарската Нова тв.

Во тек се проекти за зголемување на капацитетот на меѓусистемските точки Кулата/Сидирокастро и Негру Вода/Кардам. Преку коридорот годишно ќе може да се пренесуваат до 10 милијарди кубни метри LNG кон регионот. Очекувано е и проширување на интерконекторските точки кај Стара Загора и Комотини.

Бугарија аплицирала за делумно финансирање од Модернизацискиот фонд на ЕУ. „Усилијата за диверзификација започнаа по прекинот на рускиот гас во 2009 година“, потсети Трајков, додавајќи дека интерконекторот со Грција ја поставил основата на Јужниот гасен коридор.

„Кога дојде кризата во февруари 2022 година и ‘Газпром’ побара плаќање во рубли, учтиво одбивме и ништо не се случи. Во исто време Бугарија доби два танкера американски LNG — доказ дека диверзификацијата функционира“, изјави министерот.

Во Вашингтон беше потпишана декларација за почеток на преговори на „Булгаргаз“ за увоз на американски LNG. Ова е дел од обврската за целосно запирање на увозот на руски гас — од крајот на 2026 година за LNG и од есента 2027 година за гас преку гасовод.

„Вертикалниот гасен коридор не е само инфраструктурен проект — тој е клучен инструмент за енергетската безбедност и реалната диверзификација на снабдувањето“, нагласи Трајков.



Слични Објави