|

(Видео) Костовски: 100 милиони евра поддршка од ЕУ, процесот на преговори носи придобивки

Почетокот на преговорите со ЕУ, напредокот во евроинтеграциите, носат конкретни и видливи придобивки за нашата држава, истакна на денешната прес-конференција Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.

Според него, Европската комисија даде предлог за макрофинансиска помош до 100 милиони евра за Северна Македонија, односно поддршка за економијата за следните две години.

„Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија поддржувајќи ги и фискалната одржливост и структурните реформи, a нејзиното спроведување ќе биде дефинирано заеднички со ЕУ преку меморандум за разбирање. Оваа одлука доаѓа само неколку дена откако ЕУ додели грант од 53 милиони евра за три стратешки енергетски проекти. Претходно минатата година, како поддршка за справување со економската и енергетската криза ЕУ на нашата држава ѝ додели 80 милиони евра“, истакна Костовски.

Со ова, како што рече, уште еднаш се докажува кој стои до нашата држава во тешки времиња и во време на економска и енергетска криза.

Сето ова, оценува тој, е директна придобивка од изгласување на заклучоците за европскиот предлог, што ние како парламентарно мнозинство ги изгласавме минатото лето.

„Таа одлука го отвори патот кон почеток на преговорите и донесе придобивки за македонската економија, за нашите граѓани. Тогаш, при процесот на носење на одлуката, ВМРО-ДПМНЕ и Левицата овде во Собранието, но и надвор од него, ширеа лажни вести, ги подбуцнуваа граѓаните на насилни протести, хистерично лажејќи дека ќе се загрозел македонскиот јазик и идентитет. Денес, македонскиот јазик и идентитет се признаени од целиот свет, а државата, економијата и граѓаните ги чувствуваат придобивките од почетокот на преговорите“, додава Костовски.



Слични Објави