Бугарија во 2025 година издвојува 2,05% од БДП за одбрана
Бугарија во 2025 година издвојува 2,05% од БДП за одбрана, со што ја исполнува целта на НАТО за најмалку 2% и се позиционира во „златната средина“ на Алијансата, пренесе БГНЕС.
Според податоците, земјата го достигнува истото ниво како Франција, која исто така издвојува 2,05% од БДП, и ја надминува Италија со 2,01%. Меѓу балканските држави кои се членки и на ЕУ и на НАТО, Бугарија е трета, зад Грција со 2,85% и Романија со 2,28%.
Иако Полска останува лидер со 4,48%, а балтичките земји издвојуваат над 3%, голем дел од европските членки на НАТО се движат околу прагот од 2%. Просекот кај земјите од ЕУ во НАТО во 2025 година изнесува 2,5%, што значи дека Бугарија е под просекот, но пред дел од развиените западноевропски економии.
Новиот ориентир на НАТО, договорен на самитот во Хаг, предвидува до 2035 година трошоците за одбрана да достигнат 5% од БДП. Тоа значи дека Бугарија, како и повеќето европски држави, ќе треба постепено да ги зголемува воените инвестиции во следната деценија.
