|

Бугарин готви во првиот ресторан на познатиот француски институт за кулинарски уметности во Лондон

Бугаринот Асен Ибров работи во Лондон како готвач во CORD by Le Cordon Bleu – првиот ресторан на познатиот француски институт за кулинарски уметности Le Cordon Bleu, каде учеле многу светски познати готвачи од целиот свет, пишува сајтот „Бугари во Лондон”.

Во Лондон има околу 15 илјади ресторани. Овде може да се вкуси сѐ, од секој агол на светот. За одбележување се рестораните од висока класа во Лондон од кои 66 имаат Мишелин ѕвезди. Во некои од нив работат Бугари. Нивниот кариерен пат е извонреден бидејќи доаѓаат од земја која не е позната по рестораните од висока класа.

Самиот Асен Ибров решил дека сака да стане готвач додека шетал по тротоар во Шумен. Се запишал во Шуменскиот ТОХ (техничко училиште за јавно угостителство), каде што ја добил наградата за најдобар млад готвач во Бугарија на национален натпревар на асоцијацијата на рестораните во 2010 година.

Асен со страст зборува за средбите со готвачите во Бугарија од кои учел за натпреварите на кои учествувал и за желбата да се усовршува.

„Сакам да си поставувам предизвици“, вели Асен. „Би се опишал како личност која сака да биде информирана, сакам да стекнувам знаење од книгите и од моите колеги.

Тој пристигнал во Лондон кон крајот на 2015 година за да живее со жената што ја сака. Знаел само неколку зборови на англиски јазик.

Првата работа на Асен во Лондон е како помошник готвач во гастро паб во Гринич. Многу брзо сфатил дека таа позиција е ограничувачка затоа што гледа дека знае и може повеќе.

„Решив конструктивно да погледнам на мојата ситуација. Го учев јазикот, создавав професионални контакти и одев на интервјуа за работа“.

Постепено, Асен стекнал искуство од различни лондонски ресторани.

Учествувал на National Chef of The Year England – еден од најпрестижните натпревари на британскиот еснаф на готвачи (Craft Guild of Chefs), основан во 1885 година. Mоментално учествува на Lumina Lamb Challenge UK 2023. Од 192 учесници, тој е еден од 20-те полуфиналисти. 8 финалисти ќе бидат објавени на 27 февруари.

Тој е и готвач на бугарскиот амбасадор во Англија. „Во амбасадата се грижам за официјалните вечери. Ги подготвувам менијата, ја подготвувам храната и нејзината презентација. Како таков, морам да бидам добро информиран за вкусовите на различните гости и да бидам флексибилен и инвентивен“, вели Асен.



Слични Објави