Бугарите во(н) Уставот… или самопонижувањата на Давкова
Пишува: Владимир Перев
1.
Ете, и тоа со Мара Бунева заврши без проблеми. Не дојдоа оние кои македонистичката номенклатура ги чекаше со нетрпение-не дојде Костадин Костадинов, не дојде Каракачанов, не дојдоа ни оние на кои им е забранет влез во Македонија, како на европратеникот Андреј Ковачев, на филантропот Врабевски и на ред други бугарски официјални личности. Не дека нешто се уплашија, не дојдоа за да немаат главоболки со македонската фобија од бугарското, па макар и туристичко присуство кај нас. Македонските бугари кои живеат овде, југомакедонистичката политика ги смета за недостојни за разговор. Единствениот лек на македонците за нив е или куршумот или затворот…така сѐ од 1913 година, па до денес.
2.
Македонската современа политика е ученик и наследник на србојугословенската идеја за односите со Бугарија и со бугарите овде. Тоа е политика на победник во двете светски војни и политика на неказнето елиминирање на македонските бугари од ефективниот живот во земјата. Прво е извршено етничко чистење и преселби кон Бугарија. Потоа е вршено систематско насилие и злосторства на работ на геноцид, за сега, во совремието, да се оди со целосна игнорација на луѓето кои во себе ги негуваат оние национални чувства, кои се неприфатливи за Белград. Изјавите на мекедонските челници како Мицкоски и Муцунски за “бугарскиот диктат“ и “свитканата кичма пред Европа“, се само далечно ехо на една политика сугерирана од Белград и отворена желба за доближување до Москва. Тие знаат дека ниту Белград може да ги одбрани, ниту Москва ќе ги поддржи. Само гола инерција на идеи и размисли, без суштина и смисла. Знаат тие дека низ устата на Костадин Костадинов, од милост наречен Копејкин, говори руската надворешна политика, но надежта последна умира. Москва одамна ја жртвува Македонија “на било кого“, Москва сега се бори за Србија и Косово Српско! Да, и за Украина.
Нациите на Балканот си ги влечат своите проклетства на поделеноста, но барем треба да се запознати со сопственото битие.
3.
Треба да се знае дека нема “Албанија и албанска идеја“ без Косово, дека Косово е движечката сила на сеалбанството. Ниту писмото, ниту јазикот ги обединува албанците, нив ги обединува идејата дека се албанци, дека говорат на два дијалкекти, дека имаат три религии но дека се должни да се разберат меѓу себе. Биле паши и везири во Цариград, биле италијански морепловци и грчки револуционери, но секогаш знаеле дека се албанци. Косоварите ја формираат Призренската лига, тие се борците на Бали Комбетар, нивна е Тиранската платворма, тие се носители на сеалбанската идеја.
4.
Грчката Мегали идеја е академски проект, но носителите се грците кои со оружје во рака и невидена бруталност ја реализираат. Нема Грција, нема Мегали идеја без грците од Крит (крвникот Зорбас, кој пиел крв бугарска) и пондите дојдени по 1924 година! Имаат различни грчки јазици, но имаат чувство дека се грци и дека се одговорни пред својата татковина Грција. Тие се физичките творци на Грција каква што ја знаеме денес, нивната суровост и пушките во нивната рака, ја формираат денешната Грција, на која толку многу и завидуваме и пред која се понижуваме.
5.
Србите се поделени во три дијалекти и две писма-кирилично и латинично. Згора на тоа, живеат во три ареали, војводинскиот, шумадискиот и босанско-херцеговскиот. Се мразат меѓусебно. Србите од Војводина ги презираат шумадиските срби како простаци, а ги мразат босанските срби како насилници. И едните и другите ги мразат војводинските срби како “макушави и лигави“. Ама, српската слобода доаѓа од Шумадија, српската култура од Новосадсите срби, а воената заштита од босанците. Тоа го знаат и се држат меѓусебно, надминувајќи ги сопствените лични и колективни омрази.
6.
Нема Бугарија без Македонија, нема Преродба, нема идеја за слобода, нема европска ориентација на бугарското племе од Црно море до Охрид. Ние, македонските бугари сме амалгамот на тоа племе, ние сме неопходниот елемент за постоењето и на бугарската црква и на современата држава. Сигурно дека и тракијците и мизијците го даваат својот “данок во крв“ за бугарската држава, но македонската трагедија е легендата за нескротливата желба за слобода и за никогаш загубените илузии. Бугарија влегува во три војни за Македонија, ги губи војните но опстојува како држава. Македонија и македонските бугари се вистинските губитници.
7.
Македонските бугари одамна, многу одамна ја напуштаат идејата за автономија и се ориентираат кон формирање на сопствена држава. Родоначалникот на идејата е Ванчо Михајлов, а неговата книга “Македонија, Швајцарија на Балканот“ е нешто како библија на михајловистичката ВМРО. Да, во неа се застапени сите нации кои се овде, вклучително и македонските бугари, со сите свои права и должности…сите тие се македонци. Денес сите тие нации и нивните јазици, набројани од Михајлов се во нашиот Устав, има и некои други, но ги нема македонските бугари. Тоа е нашата ропска потчинетост, нашата вазалност кон “победничкиот“ и насилен Белград. Бугарија никогаш нема да престане да копнее по Македонија. Тоа е копнежот кон идентификација на сопствениот бугарски идентитет, кон праизвориштата на самоосознавањето на еден народ, загубен низ темнините на робството.
8.
Костадин Костадинов го кажа тоа што мислеше дека треба… и молкна. Од кај нас се подигна ураган од спротиставувања, се стигна до таму дури и претседателката Давкова да го дигне својот глас. Политичките експерти говореа дека се работи за личност и партија (В’зраждане) со процент од околу 20% од избирачкото тело, по “наше македонско“ толкување, незначителна. Но Давкова знае што се 20%, ги имаме во нашиот парламент и бога ми, не минуваме добро. Затоа и одговори. Направи два грева: 1. се самопонижи да полемизира со лидер на партија “под 20%“; 2. ги понижи сопствените граѓани со бугарска самосвест, да бидат ставени под патронажа на еден странски лидер од “само20%“, наместо тие самите, од овде, од Македонија да го кажат своето мислење.
9.
“Бугарите ВОН Уставот“ е шовинистичка и расистичка парола, насочена кон една група граѓани за да се оневозможи нивната политичка и национална самоидентификација, за принудно да бидат ставени под патронажа на други, странски елементи. Сте чуле ли некогаш италијански, германски или француски лидери да говорат за правата на “своите“ во Швајцарија? Или мислите дека таму немаат меѓуетнички проблеми? Се лажете, проблеми има, ама се решаваат со сопствените политички сили. Лидерите на АФД не говорат пред ни за германците во Цирих, како што ни Марин Ле Пен нема да може да говори во Женева. Тоа е друга држава, таму си имаат кој да говори.
Внесувањето на бугарите во Уставот е прашање, колку за човековите права во Македонија, толку и за сочувување на политичкото достоинство на македонското раководство. Изјавите за наводна бугаризација на општеството се целосно идиотски флоскули за замајувањето на јавноста, онолку колку што се идиотски и стерилни напорите за македонизирање на раволуционерите, политичарите и творците од Македонија, во периодот од пред 1944 година. Во спротивно, “20 процентниот“ Костадин Костадинов е само почетокот на една долга ноќна мора, полна зо неизвесности и темен крај.
“Правењето држава“ носи занес и визија, но бара и жртви…не може да се има сѐ, отсекогаш и засекогаш!

