Бугарската делегација во ПССЕ ѝ врачи нон-пејпер на претседателката на Собранието Петра Баејр за случајот со Ива Михаилова
Бугарската пратеничка и раководителка на бугарската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Весела Момчева-Таун, во име делегацијата ѝ достави нон-пејпер на претседателката на Собранието, Петра Бајер, во врска со случајот со Ива Михаилова од Северна Македонија, која има и бугарско државјанство.
На средбата со Бајер, присуствувала и Деница Сачева, заменик-претседателка на бугарската делегација во Собранието.

Случајот со Михаилова претходно беше покренат и во рамките на есенската сесија на ПССЕ во Стразбур. На 29 септември, Момчева-Таун му постави прашање на генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, посочувајќи дека поради судска постапка Михаилова има ограничување за патување во странство за медицински третман.
Прашањето беше поставено во поширок контекст – како институциите на Советот на Европа можат да реагираат во случаи кога судски ограничувања би можеле да го попречат пристапот до итна или неопходна здравствена заштита.
Берсе истакна дека пристапот до соодветна медицинска грижа е од големо значење и потврди дека претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, претходно во септември го покренала истиот случај во разговор со него. Тој, сепак, нагласи дека Советот на Европа не може да се вмешува или да се обидува да влијае врз предмет што е во тек пред националните власти или судови, вклучително и врз одлуките поврзани со ограничување на патувањето. Воедно, Берсе потсети дека мора да се почитуваат стандардите на Советот на Европа, меѓу кои и оние од Европската социјална повелба.
Случајот беше поставен и пред Изабел Беро-Амадеи, министерка за надворешни работи и соработка на Монако и актуелна претседателка на Комитетот на министри на Советот на Европа. Таа наведе дека Комитетот на министри нема заземено став за конкретните случаи што се предмет на тековни постапки, но укажа на можноста за примена на привремени мерки согласно Правило 39 од Деловникот на Европскиот суд за човекови права.
Такви мерки може да се побараат во исклучителни околности кога постои непосреден ризик од непоправлива штета на право заштитено со Европската конвенција за човекови права, вклучително и во ситуации во кои е засегнат пристапот до здравствена заштита, посочи Беро-Амадеи.
Со доставувањето на нон-пејперот до претседателката на ПССЕ, бугарската делегација го продолжува покренувањето на случајот во рамките на институциите на Советот на Европа, со фокус на прашањето за пристап до медицински третман во услови на судски ограничувања.

