Бугарската парламентарна делегација пристигна во Рим по повод 24 Мај
Бугарската парламентарна делегација, предводена од претседателката на Народното собрание Михаела Доцова, пристигна во Рим на дводневна посета по повод 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската писменост, јавува БТА.
Утре е предвидена аудиенција кај папата Лав XIV во Ватикан. На аеродромот во Рим бугарската делегација беше пречекана од амбасадорот на Бугарија во Италија Иван Кондов и амбасадорот при Светата столица Костадин Коџабашев.
Подоцна денеска претседателката на парламентот Михаела Доцова ќе се сретне со претседателот на Домот на пратениците на италијанскиот парламент Лоренцо Фонтана.
Бугарските парламентарци ќе положат цвеќе пред споменикот на бугарскиот револуционер Капетан Петко војвода на ридот Џаниколо во Рим.
Во составот на делегацијата се заменик-претседателката на Народното собрание и заменик-претседателка на парламентарната група на ДПС Ајтен Сабри, претседателот на парламентарната група на „Преродба“ Костадин Костадинов, заменик-претседателите на парламентарните групи на „Прогресивна Бугарија“ и на ГЕРБ-СДС Владимир Николов и Костадин Ангелов, како и пратениците Атанас Славов („Демократска Бугарија“) и Венко Сабрутев („Продолжуваме со промената“).

