Бугарската влада воспоставува Механизам за координација на надзорот и контролата во врска со воведувањето на еврото
Бугарската влада донесе одлука со која се воспоставува Механизам за координација на надзорот и контролата во врска со воведувањето на еврото во Република Бугарија, како дополнителна гаранција за непреченото преминување кон единствената европска валута, јавува БГНЕС.
Механизмот ќе воспостави рамка за засилена и поефикасна координација помеѓу владата и органите што вршат надзор и контрола во врска со воведувањето на еврото. Целта е подобрување на спроведувањето на овие процеси, поефикасен надзор на цените во периодот пред и по воведувањето на еврото и зголемување на информираноста на граѓаните за темата. Дополнително, ова ќе овозможи навремено идентификување на можни нелојални трговски практики, вклучително и неправилно пресметување на цените од лева во евро и неоправдано зголемување на цените на стоките и услугите, како и спроведување на законски утврдените санкции за прекршителите.
Механизмот ќе биде предводен од премиерот и ќе го сочинуваат министрите за финансии, внатрешни работи и економија и индустрија, како и раководителите на Народната банка на Бугарија, Државната агенција за национална безбедност, Комисијата за заштита на потрошувачите, Националната агенција за приходи и Царинската агенција. Во својство на раководител на Механизмот, премиерот ќе ги поканува на учество и претседателите на Националниот завод за статистика и на Комисијата за заштита на конкуренцијата, а по потреба – и претставници на други институции и органи. Во седниците на Механизмот можат да учествуваат и заменик-премиерите.
Владата одобри и нацрт-меморандум за соработка со работодавачки, синдикални и стопански организации и здруженија во врска со заштитата на потрошувачите во процесот на воведување на еврото, вклучително спречување на нелојални трговски практики и неоправдан пораст на цените на стоките и услугите. Целта на склучувањето на меморандумите е воспоставување на одржлива рамка за партнерство, соработка и усогласени дејствија во контекст на подготовката и спроведувањето на процесот за воведување на еврото во Бугарија, во интерес на стабилноста, предвидливоста и јавната доверба.
Склучувањето на меморандумот ќе биде израз на добра волја и партнерска соработка меѓу страните, насочена кон зајакнување на јавната доверба во преминот кон единствената европска валута и поттикнување на примената на добри практики од страна на бизнисот.

