Бугарски кукери учествуваа на Ноќта на културата во Даблин
Бугарската амбасада во Даблин ги претстави бугарските традиции и фолклор на 18 септември во рамките на Ноќта на културата во ирската престолнина, соопшти дипломатското претставништво на својата страница на Фејсбук, пренесува БНР.
Настанот беше дел од Европската културна рута на EUNIC – мрежата на националните културни институти на Европската Унија.
Во програмата на Амбасадата, насловена „Традициите и нивните трансформации“, посебен акцент беше ставен на кукерскиот обичај, кој пред локалната публика беше претставен преку традиционални маски и костими.
Во настанот учествуваа наставници, родители и ученици од Бугарското училиште „Азбука“ во Даблин, како и визуелната уметница Ники Колиер, која живее и работи во Ирска.
Бугарското училиште „Азбука“ работи во Даблин од учебната 2008/2009 година и организира настава по бугарски јазик, историја, географија и бугарски традиции.
