| |

Бугарскиот премиер Румен Радев се сретна со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и со претставниците на Европската комисија

Премиерот на Бугарија Румен Радев на средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија и со претставници на Европската комисија ја истакна потребата од еднаков пристап на сите членки до средствата од Европскиот фонд за конкурентност, соопшти прес-службата на бугарската Влада, пренесува БНР.

Домаќин на средбата беше амбасадорката на Ирска, Кетрин Банон, чија земја од почетокот на јули го презеде ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ.

Во разговорите биле разгледани актуелни прашања од европската агенда, со посебен акцент на конкурентноста, безбедноста и инфраструктурната поврзаност.

Осврнувајќи се на новата улога на одобрениот Европски фонд за конкурентност, Радев нагласил дека треба да се гарантира реален пристап до расположливите ресурси и за послабо развиените земји членки.

Според него, на тој начин ќе се обезбедат еднакви услови и „индустриска кохезија“.

Посебно внимание било посветено и на тековните разговори за усвојување на новата Повеќегодишна финансиска рамка на Европската Унија.

Радев изразил поддршка за новите приоритети, но нагласил дека тие не треба да се развиваат на сметка на основните политики на ЕУ, меѓу кои кохезионата политика и Заедничката земјоделска политика.

Премиерот посочил и дека кохезионата политика треба поактивно да се насочи кон области како науката, образованието и истражувачко-развојната дејност.

Слични Објави