| |

БУГАРСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ ПРИМЕР ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ

Бугарските пратеници станаа позитивен пример во борбата против корона вирусот. Како што јавуваат бугарските медиуми, тие освен што ќе работат без плати за време на вонредната состојба во земјата, донираат и свои лични средства со цел да помогнат во борбата против корона вирусот.

Речиси сите пратенички групи во бугарскиот Парламент, донирале парични средства и заштитна опрема за лекарите кои се на првата линија во борбата против вирусот.

Владејачката партија ГЕРБ донирала 50 000 евра од државните субвенции за политички партии.

Пратениците од ВМРО-БНД освен своите пратенички плати донирале и свои лични средства во висина од над 10 000 евра.

Чекор понапред во тоа отишол пратеникот од редовите на ВМРО-БНД, Јулиан Ангелов, кој донирал еден тон брашно за жителите на малото бугарско село Драговиштица.

„Секоја куќа треба да има домашен леб и козињак за празникот. Но во овие тешки времиња не секој може да си го дозволи тоа“, вели Ангелов во изјава за бугарските медиуми.

Пред извесно време истиот пратеник донираше заштитни маски на Општината Костинброд во Бугарија. Оваа донација била дел од кампањата на ВМРО-БНД да се прават донации со лични средства на територијата на целата држава.

Без да навлегуваме во преголеми анализи би сакале да го поставиме прашањето: Каде се македонските пратеници и парламентарно претставени политички партии на полето на солидарноста и донирањето лични средства во борбата со ова зло?!

Не многу одамна пратеникот од редовите на СДСМ, Хари Локвенец, се пожали дека нема кој да му ги храни децата ако се откаже од пратеничката плата. ВМРО-ДПМНЕ пак не се откажуваше од државните пари што доаѓаат на нејзина сметка. Владата мораше со законска уредба да ги намали платите на пратениците, бидејќи од нивна страна не ни дојде таков предлог. За среќа нивните колеги од Бугарија покажаа дека може и поинаку.

Слични Објави