| |

Бугарските власти го протераа од Бугарија поглаварот на Руската православна црква во Софија, архимандрит Васијан

Бугарските власти го протераа од Бугарија првиот човек на Руската православна црква во Софија, архимандрит Васијан (Змеев), кој една недела претходно беше протеран од Скопје поради информации дека е руски шпион. Информацијата за протерувањето на Русинот од Бугарија, ја објави ТАСС, која во четвртокот (21.09.) ја цитираше руската амбасада во Бугарија, јавува бугарското електронно издание Медиапул.

Малку подоцна информацијата ја потврди и ДАНС, од каде објавија дека Змеев и двајца белоруски државјани се протерани бидејќи се закана за националната безбедност на Бугарија.

„(Бугарските власти) го сметаат отец Васијан за закана за националната безбедност“, рекоа руски дипломати во изјава цитирана од ТАСС.

Сепак, во написот на руската државна агенција се споменуваат и повеќе од еден протеран свештеник. Според амбасадорката на Русија во Бугарија, Елеонора Митрофанова, во четвртокот свештениците од Руската православна црква во Софија „биле повикани во миграциската служба, каде што им било кажано дека претставуваат закана за националната безбедност на Бугарија и мора да ја напуштат земјата.

„Истовремено, тие беа ставени во автомобил за притвор и однесени во нивните домови за да можат да ги соберат своите работи. Потоа беа однесени во црквата, а потоа на границата со Србија“, рече таа.

„Ова е настан без преседан, црквата е одвоена од државата и не е јасно како свештенството може да ја загрози националната безбедност“, објаснува амбасадорката.

Според неа, „многу мирjани одат во Руската црква во Софија“ и таков настан е „пад во бездна“. „Можеме да кажеме дека тие едноставно плукнаа во лицето на нашата црква, особено што тоа се случи на Рождеството на Пресвета Богородица“, вели Митрофанова, цитирана од ТАСС.

„Добиени се податоци за дејствијата на наведените лица, поврзани со спроведување на различни елементи од хибридната стратегија на Руската Федерација за намерно влијание врз општествено-политичките процеси во Република Бугарија во полза на руските геополитички интереси“, се вели во соопштението на ДАНС. .

По наредба на претседателот на ДАНС, на Николај „Васијан“ Змеев и на Е.П. и В.Б им се изречени задолжителни управни мерки „протерување“, „одземање на правото на престој“ и „забрана за влез во Република Бугарија“ во траење од пет години. Е.П. и В.Б се државјани на Белорусија.

Од ДАНС соопштуваат дека мерките се изречени во врска со нивните активности насочени против националната безбедност и интересите на Република Бугарија.

Пред една недела, властите во Северна Македонија протераа тројца руски дипломати и Васијан поради обвинувања дека се руски шпиони. Свештеникот Васијан Змеев пет години раководи со руското предворје во бугарската престолнина, но пред една година беше назначен од рускиот патријарх Кирил да биде задолжен и за македонската црква.

Васијан Змеев исто така беше прогласен за персона нон грата и му беше забранет влез во Северна Македонија.

По протерувањето на Васијан од Охрид, копретседателот на „Демократска Бугарија“ Атанас Атанасов рече дека Змеев се обидел да донесе раскол во македонската црква. Тој бил огорчен што бугарските разузнавачки служби до сега не известиле дека претставникот на Московската патријаршија во Бугарија се занимава со шпионски активности.

„Неофицијално, Змеев ја координирал целата политика на МПЦ-ОА (Македонска православна црква) во однос на нејзината црковна дипломатија во последната година, што доведе до целосен застој во односите со Вселенската патријаршија по прашањето за доделување автокефалност на МПЦ- ОА“, пренесува веб-страницата на бугарскиот црковен портал „Двери“, повикувајќи се на македонски изданија.

Слични Објави