| |

“Бугарско сценарио” во македонско руво

Facebook статус на Никица Корубин

Се’ почесто во јавниот дискурс или поточно во дискурсот на “јавноста” што се наметнува, се говори за можно “бугарско сценарио” после изборите и опасноста од истото. Затоа што нели, се’ што доаѓа од Бугарија мора, по автоматизам да биде опасно. Но, за да се дојде до одговорот дали е можно “бугарско сценарио” кај нас, треба да се постави главното прашање, а што подразбираат под “бугарско сценарио” тие кои овој наратив го провлекуваат во јавноста?

Одговорот од прва, веројатно би бил дека под “бугарско сценарио” се подразбира неможноста за формирање на влада после изборите и потреба од повторно одење на избори, што реално и се случуваше во неколку наврати во Бугарија, во изминатите неколку години. А, бидејќи кај нас никогаш работите не се “од прва”, туку тоа само е наметната перцепција која ја крие намерата; дали всушност “бугарското сценарио” е компромисот со кој на крај во Бугарија завршија последователните циклуси на предвремени избори, со формирање на коалициона влада помеѓу двете најголеми партии?

Која и да е варијанта, за тоа што се подразбира кај нас под “бугарско сценарио”: неможност за формирање на влада или формирање на коалициона влада; се заборава главниот фактор кој недостасува во нашата политичка сцена: “македонскиот” Кирил Петков. Затоа што, за разлика од кај нас, во македонскиот партиски блок, каде целосно отсуствува појава на нови, свежи и различни личности или партии, тоа во Бугарија не е случај, изминативе години.

Оттаму, енигмата останува, во кој контекст воопшто се споменува “бугарското сценарио” кај нас, кога недостасува главниот фактор, за негова реализација: нова и различна политичка фигура и идеја? Ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ некој, намерно и површно ги става во улога на Продолжуваме со промените и ГЕРБ, тогаш уште еднаш внимателно нека погледне, кој е левица, кој е десница, а кој е центар во Бугарија, и кој какво влијание има. Одговорот нема да им се допадне на нашите, и асоцијациите со истите.

А, ако намерата е позади стравот од “бугарско сценарио”, да се дојде веднаш до исходот од “бугарското сценарио”, тогаш имаме сериозен проблем. На страна што во равенката во политичката сцена во Бугарија, различна по секоја основа, отсуствува албанскиот политички фактор, кој е клучен во Северна Македонија. “Бугарско сценарио”, без Албанци или со “подобни” Албанци, на што се типува?

Но, за љубителите на “сценарија”, уште едно сценарио се’ почесто се враќа, регионално, а тоа е “македонското сценарио” за кое срамежливо почнува да говори српската опозиција, како модел за решавање на изборниот инжињеринг кај нив, преку европски мониторинг на изборниот процес по моделот на Прибе. Па, пред да прејдеме на “бугарското сценарио”, да се потсетиме што се случи со “македонското сценарио”, кое некогаш беше вистински страв за српската власт, а сега е спас за српската опозиција? Суштински, а не појавно?

А, во меѓувреме додека го замислуваат “бугарското сценарио”, не е лошо подобро да се подготват за улогите што си ги задаваат, пред да ја постават сцената за уште еден обид за контрола на општеството кое има очајна потреба да се ослободи и нормализира. Затоа што има игра, а има и преигрување.

Па, бегајќи нелогично и самоуништувачки од “македонското сценарио”, тежнеејќи апстрактно и несоодветно кон “бугарското сценарио” да не се најдеме заглавени свесно и посакувано во “српското сценарио” и сите негови нијанси? Кога веќе доброволно влегуваме во параванот на “српскиот свет”, Отворен Балкан. А, само едно ни треба. Европското сценарио. Она за кое највеќе се говори, а најмалку се работи. Време малку, глума многу, а исход неизвесен. Шанси ретки, но не и невозможни. Да видиме кој само зборува, кој сонува, а кој вистински делува.

Слични Објави