Бугарското МНР: Рускиот документарен филм „Една вера, еден јазик“ е провокација
Бугарското Министерство за надворешни работи го оцени како провокација рускиот документарен филм „Една вера, еден јазик“ на сценаристката и режисерка Елена Мироненко, пренесува БГНЕС.
„Во врска со рускиот документарен филм „Една вера, еден јазик“ на сценаристката и режисерка Елена Мироненко, во кој се тврди дека светите браќа Кирил и Методиј и нивните следбеници немаат никаква врска со Бугарија, изјавуваме дека филмот не е научно издржан и историските периоди наведени во него се погрешно претставени“, велат од МНР за БГНЕС.
„Поради заменетите или намерно изоставените фундаментални факти во филмот, потсетуваме дека во рамките на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, Република Бугарија и Република Северна Македонија постигнаа договор за историски личности и настани во нашата заедничка историја, вклучително за Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и други, потврдени од владите на двете земји. Се надеваме дека во ваквите провокации директно или индиректно не се вклучени трети страни, немаат за цел да создаваат поделби , и дека нема во иднина да бидеме сведоци на вакви случаи, кои се спротивни на општоприфатените факти во светската историографија“, нагласуваат од бугарското МНР.

