БУРА „КЈАРА“: ПРЕДИЗВИКАНА ОГРОМНА МАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА И ОТКАЖАНИ ЛЕТОВИ

//

Бурата „Кјара“ што синоќа и ноќеска беснееше низ западна Европа предизвика огромна материјална штета, особено на крајбрежјето на Северното море. Поради невремето, повеќе авиокомпании ги откажаа или одложија летовите.

Ветрови со брзина до 130 километри на час, откорнати дрвја и кровови, урнати фасади, откажани спортски натпревари. Бурата „Кјара“ ја вознемири и цела Белгија каде се регистрирани десетици илјади повици за помош и стотици пожарникарски интервенции во текот на ноќта и едно повредено лице. Висок степен на тревога останува и за текот на денешниот ден за кој се прогнозираат нови ветрови со брзина од 100 километри на час.

„Кјара“ ја погоди речиси цела северозападна Европа. Во Британија околу 100.000 семејства останаа без струја, додека во Шкотска се урнал кров повредувајќи три лица.

Според експертите од белгискиот метеоролошки институт оваа бура е редок феномен и резултат е на термички контраст помеѓу северниот Пол и Екваторот, што ја објаснува огромната брзина на ветровите.

„Функционира како правосмукалка која го носи воздухот од земјата и создава зона на низок притисок затоа што ветерот оди нагоре. Она што е посебно овојпат е што полето е многу широко, од северна Ирска до Франција, преку Белгија, Холандија, па дури и Скандинавија“, објаснуваат од институтот.



„Кјара“ ќе продолжи да дува и во текот на денешниот ден, а училиштата што се наоѓаат во паркови опкружени со дрвја, ќе останат затворени.



Претходна статија

ПРЕГАЗЕНА ЖЕНА ВО СКОПЈЕ ИТНО ДОНЕСЕНА ВО ГРАДСКАТА БОЛНИЦА

Следна статија

НОВА КАТЕГОРИЈА ПАТАРИНА ВО МАКЕДОНИЈА

Најново од Вести