Бургас ќе биде домаќин на XVII меѓународен фестивал „Свето слово“ – мајски средби на словенските уметници
Отворањето на фестивалот ќе се одржи на 29 мај од 18:00 часот во Домот на писателот, на улица Вола бр.1.
Од првото издание во 2007 година, бугарскиот град Бургас го посетиле повеќе од 100 писатели од Полска, Хрватска, Русија, РС Македонија, Србија, Словенија, Украина, Чешка, Црна Гора, Босна и Херцеговина.
Годинешни гости на фестивалот ќе бидат: д-р Сашко Насев и проф. д-р Кристина Николовска – Република Северна Македонија, Никола Шимиќ Тонин – Хрватска, Сафета Осмиќиќ – Босна и Херцеговина, Лабуд Лончар – Црна Гора, Ана Багрјана – Украина, Аксинија Михајлова – Софија, Елена Јанева – Холандија-Бугарија, Емилија Авгинова – Велико Трново и Васил Костадинов – Поморие. Учесниците од Бургас се: Роза Максимова, Милка Иванова и Константин Корадов.
Во фестивалската програма до 1 јуни уметниците ќе учествуваат на литературни читања, блиц натпревари за пишување песни, инспирирани од културните, историските и природните атракции на Бургас и регионот. Учесниците во фестивалот ќе ги посетат о. Св. Анастасија, рибарското село Ченгене Скеле, мегалитско светилиште Бегликташ во планината Странџа, историскиот локалитет „Акве Каледе – Термополис“ и градот-музеј Несебар.
Организатор на меѓународниот литературен фестивал „Свето слово“ е читалиштето „Љубен Каравелов 1940“, во партнерство со Здружението на писателската заедница Бургас и со поддршка на Фондот „Култура“ на општина Бургас и приватни донатори.