ЦЕЛ БАЛКАН ГО ВЕЛИЧА ДЕЈАН КУЛУШЕВСКИ, А ФФМ СИ ДОЗВОЛИ ДА ГО ЗАГУБИ!

Дејан Кулушевски е поранешен македонски младински репрезентативец, роден во Шведска кој го избра дресот на „викинзите“, а синоќа блесна во полн сјај и стигна до првиот калчолигашки гол во својата кариерата, погодувајќи во триумфот на Парма против Торино со 3-2.

Кулушевски, иако има само 19 години сезонава игра во Парма и е стартер, а во шест меча покрај синоќешниот погодок веќе има и три асистенции. Доволно за италијанските медиуми да го прогласат за играч на мечот, да му дадат оценка 7,5, а балканските медиуми да го величаат.

„Фантастичен настап, му требаше малку време за да блесне и да даде гол“, стои во образложението за оценката за Кулушевски.

На Балканот, пак, сите се воодушевени од фудбалерот кој може да биде откритие на сезоната

„Младиот шведски играч за врска со македонско потекло би можел да има едно од откритијата на сезоната. Сега е јасно зошто Парма толку инсистираше да го земе на заем од Аталанта и зошто сјајната скаутинг-служба од Бергамо го донесе на 14 години од Бромопојакарна. Ова за него е дебитантски гол, ама од првото коло е првотимец и веќе има две асистенции“, пишуваат дел од балканските медиуми.

Но, тоа што е најболно за Македонија е одлуката Кулушевски да игра за Шведска. Пред три години беше дел од селекцијата до 16 години, одигра неколку мечеви за Македонија, на еден против Црна Гора даде дури четири гола во триумфот со 7-0. И кога сите очекуваа дека Македонија добива уште еден бисер, Кулушевски ја избра Шведска. Остана дилемата како ФФМ дозволи да го загуби.

Дебитираше против Србија со гол за победа со 3-1 во ноември 2015 година, а за интернет-сајтот на ФФМ, Кулушевски посочи дека семејството му било пресреќно кога видело дека заиграл за Македонија.

„Видов колку моето семејство беше среќно откако настапив за Македонија. Никогаш не знаеш што носи иднината, но имам желба, одлично сум примен во македонската репрезентација и се надевам дека ќе така ќе биде“, рече тогаш суперталентот.

Но, никој не знае зошто Кулушевски и семејството се предомислија. Штури информации има дека ја одбрале Шведска и дека преговарал и селекторот Игор Ангеловски за да заигра и за најсилната селекција, ама… Прашање е дали ФФМ доволно добро се потрудила да го обезбеди Македонецот од Шведска да игра за црвено-жолтите.

Тоа што е најболно во битката за Кулушевски, а бисерот пред три години го имавме на тацна, е неуспехот да се убеди да продолжи да игра за Македонија, а во последно време сè повеќе деца на печалбари од Косово, Албанија, Хрватска, БиХ се решаваат да играат за репрезентациите од каде што потекнуваат. Така Косовците едвај чекаат да заиграат за својата семја, Босна веќе му украде суперталент на Марибор на Словенија, Хрватска го имаше Ракитиќ како „полн погодок“…

Младиот фудбалер за врска со голот против Торино си го исполни сонот, а за италијанските медиуми посочи дека погодокот го посветува на неговата мајка.

„Фудбал играм од пет години и долго време го чекав овој момент. Јас секогаш давам сè од себе кога сум на теренот. Овој гол е за мојата мајка! Сега ќе се обидам да бидам уште подобар, ова е голема мотивација за мене. Овој гол е нешто многу важно за мене“, вели Кулушевски после првиот погодок во Серија А.

И додека во Македонија жалиме за загубениот талент, Швеѓаните се пресреќни за првиот погодок на младиот фудбалер, па „Спортбладет“ дури најавува можност Кулушевски да добие повик за А-селекцијата на „викинзите“ со што Македонија практично засекогаш би го загубила овој огромен бисер.

„В среда Јане Андерсон ќе го објави списокот за квалификациите со Малта и со Шпанија. Останува да се види дали Кулушевски ќе се најде на него или повторно ќе биде на списокот за селекцијата до 21 година“, пишува весникот.

Извор: Спорт1



Слични Објави