„ЧЕ СИ ЛЕЖИШ“, АКО НЕ ТИ Е ИСЧИСТЕН КОМПЈУТЕРОТ

Имаат ли потреба компјутерите во СЈО од форензичко (длабинско) чистење? Прашање чиј одговор го знае само Катица Јанева…

Вчера колегите од емисијата 360 степени објавија вест во којашто анонимен извор од Специјалното јавно обвинителство (ќе го наречам богохулно „свиркач“) тврди дека Катица Јанева, прв човек на Обвинителството во оставка побарала компјутерите на вработените да бидат форензички исчистени. Со други зборови, после чистењето да не се дознае кој предмет на кој компјутер бил и кој обвинител го работел. Час и половина по објавувањето на веста, извори од СЈО овој пат за А1 Он, ја потврдуваат инфомацијата изнесена од „свиркачот“.

Вулгаризирано, тоа изгледа некако така… Катица сака да си ја зачисти „куќата“ пред во нејзе да се всели друг кираџија/ кираџика без разлика дали истиот/тата се вика Русковска (спомната како можна наследничка од Заев) или Фетаи (како официјален предлог на партијата на Африм Гаши, Алтернатива). Но за тоа малце подоле во текстот, приказната уште е далеку од својот крај.

Демантот за тоа дека Јанева барала „чистење“ на компјутерите стасува неколку часа по објавата на веста од страна на 360 степени. Четири часа подоцна од СЈО излегуваат со официјален демант во кој меѓу другото се вели дека: „Специјалниот јавен обвинител нема дадено наредба за било какво уништување на материјали, податоци или доказен материјал во рамките на обвинителството, било истиот да е во пишана или усна форма“.

Оф добро е, се смирив. Исто толку смирен бев кога пукна цевката во СЈО и ги поплави документите за случајот „Империја“, а после стана јасно дека тоа било случајно. Срања се случуваат нели? Ајде ќе си речеме дека едни портали жедни за кликови објавија лажна вест дека се спрема чистење во СЈО и оп добрите девојки и момци од оваа институција после неколку часа нè смирија со горенаведениот демант. Чекај чекај, ама веста не ја објавија порталите поврзани со Белата шампита? Таа вест не излезе во „Мурир“, „Нимфомакс“, „Гетпрес“ или „Меспрес“. Информацијата се појави на интернет страните на емисија и медиум уредувани од угледни новинари, кои без поголеми тешкотии можат да бидат „обвинети“ дека ја симпатизираат Јанева. Чудно нели? Да се појавеше веста меѓу наслови од типот: „Ламборџинито на Сораја падна во базен“ и „Комитите се спремаат за Илинденскиот марш во Крушево“, ајде да поверуваме дека истата плаче за демант. Ама не е така. Нели.

Денеска почитуваниот колега Васко Попетревски, им покажа на фацките од СЈО од каде се пушта ладната вода и убаво ги разлади. Немам што повеќе да додадам.

Проблемот се крие во тоа дека Македонија се наоѓа пред историска покана за почеток на преговори со Европската Унија и испорачува небулози баш во сферата на владеењето на правото. Политичари фрлаат одредени имиња во јавноста, како следни јаки фаци, што ќе треба да се борат со организираниот криминал и корупцијата во високите спратови на власта, а пратениците решија прво да си одморат па таму некаде кон крајот на август да  го извадат жешкиот компир од живите јаглени, инаку тесно поврзан со судбината на СЈО. Ееее нема сеа да си го ебат одморот за закон што  и така ќе се носи по скратена постапка. Аранжманите веќе се платени, нема да одат бадијала тие пари ја. На сета таа евтина водевилна претстава, што ќе заврши со договор меѓу Заев и Мицковски (бидејќи е потребно 2/3 мнозинство во Домот на македонската државност и демократија), се појави нагонот на Јанева за длабинска хигиена. За секој случај, оти ако тргне некоја епидемија, од кај ќе најдеме нови деца да ги продолжат старите практики. Македонија чекори кон Брисел, ама рампата најверојатно ќе биде спуштена од Градот на љубовта. Ај си велам дека грешам.

PS: Сосема за крај да ве потсетам дека Миле џабе одеше на прегледи за срцето, му одредија нов 30 дневен притвор. Груевски го нема никаков да се јави со нов статус, можеби е зафатен со организирање на некој џет сет настан на кој повторно ќе се појави со скапите наочари и некоја силиконска секс бомба. Дедо Панче, Игор Југ, Јане Ченто, Горан Ангелов, Никола Митревски- Кољо, Александар Василевски- Нинџа и останатите насанкани од Богот си лежат за Македонија, ама вие можеби и не се сеќавате на нив. Тие се интересни само за време на избори, а избори до крајот на годината, нема да има.

Автор: Атанас Величков