| |

Чешки пасош, македонска историја, бугарска хемија

Пишува: Владимир Перев

1.
Поминаа првите сто дена од владеењето на ДПМНЕ и нивната коалиција и ние ништо ново не видовме и чувме од нив како целина. Истите стари и излитени фрази за “бугарскиот диктат“ и “свитканата кичма“, повторувани до бескрај. Веќе никој не им обрнува внимание. Но, секое време си има свои бисери!

2.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска ја даде изјавата на векот, до сега нечуена на овие пространства: “Сум земала бугарски пасош од економски причини и мислам дека сум една од ретките што се откажале од бугарското државјанство. Имам и чешки пасош и никој не прашува зошто имам чешки пасош“, вели Божиновска. Тоа прашање е едно од најумните кое сум го слушнал во целиот овој последен период од педесетина години. Да, зошто никој не прашува од каде и е пасошот, дали е или се чувствува чехина, дали има роднински врски таму, дали е во прашање некаква “чешка паспортна мафија“ па и другите да си земат пасоши и слично. Ние македонците се сеќаваме кога по националната телевизија еден познат научник, писател и “фолклорист“ јавно велеше дека нам, на македонците ни е дозволено да земеме било какви пасоши, американски, англиски, германски и други, само не треба да се зема бугарски пасош…тоа да ти било велепредавство. Министерката Божиновска сигурно тоа не го чула од тој стар превејан лицемер и шовинист, но и да го чула, сигурно не би му поверувала. Причините за нејзиниот чешки пасош се, веројатно сосема подруги, ама ете, нема кој да ја праша “зошто“?

3.
Некаде во средината на деведесетите години, во времето на “преодот“, еден мој познаник студираше медицина во Софија. На прва година,најтешкиот испит за македонците е хемија, кај постариот охридски господин д-р Робев. Влегува нашиот студент да си ги види резултатите. Повелете колега вели професорот, седнете. Од каде сте? Од Македонија, вели студентот. Фино, фино, задоволно вели д-р Робев, и јас сум од Македонија, ајде сега да видиме за испитот. Го отвораат тестот со задачите, професорот гледа внимателно, се врти кон студентот и вели: “Колега, овде нема методологија, нема даказ, како сте дошле до овој резултат“. Ама резултатот е точен, како од пушка одговара нашиот човек. Професорот го гледа внимателно, и со тивок глас му вели: Видете колега, ова не е македонска историја, ова е бугарска хемија, овде требаат доказателства!

4.
Некаде околу 1984 година, пријателот на мојот татко Коста Црнушанов, во Софија ме запозна со една исклучителна персона – поет, писател, публицист, издавач на весници, воедно и офицер на бугарската соцармија. Тој е првиот човек со кого сум имал пријателски средби, вон моето големо софиско семејство, како и некои останати пријатели од татко ми. До денешен ден останавме пријатели, едно убаво, чисто и со ништо поматено пријателство. Сенка на тоа пријателство фрлаше само едно негово изречение со патерналистички тон, кажано по 1990 година и редовно повторувано до пред скоро време…вие таму ништо не правите! Тоа беше прекор кон мене и кон некои мои сомисленици, зошто дозволуваме српската агресивна пропаганда толку да го надвладее нашиот здрав разум. По потпишувањето на Договорот Заев-Борисов, сега ЈАС редовно го прашувам: што вие таму правите, каде се НАШИТЕ национални телевизии овде, каде се трите бугарски банки овде, каде се да се вклучат во “борбата за духовна слобода и идентитет“…или некои од нив ја поддржуваат антибугарската хистерија овде, правејќи се “поголеми папи од Папата?“ Каде се? Вие таму ништо не правите, сега тоа е мојата омилена реплика. Да се има некаква врста на патернализам кон помалиот, треба за тоа да се има и доказателства, како би рекол проф. Робев

5.
Го слушав и гледав на “Коридор 8 “ нашиот познат аналитичар и дипломат Арсим Зеколи. Останав фрапиран. Одамна не сум чул толку бистра и аналитичка мисла, поточно речено, многу повеќе синтетичка и насочувачка. Им направи чиста “вивисекција“ на нашите удобно сместени тајкуни и олигарски, посочувајќи го нивниот политички и национален неморал како клучна алатка за нивното опстојување и растеж…тие се како allien во нашето политичко ткиво и ги цицаат животните сокови на општеството, па ако сакате и на партиите. Со посебно внимание ја слушав неговата анализа за односите со Бугарија, префрлајќи и дел од вината за лошите односи на Софија. Уште во 70-те години, вели Зеколи, одредени личности со сомнителни квалитети, беа сервирани и прифатени од бугарските структури како “бугари по род и идентитет“…нешто комплетно неточно и лажливо. Си размислувам, така, нашите и бугарските олигарски до денешен ден живеат на нашите незнаења и немоќ, истоштувајќи ја силата на каузата и претворајќи ја во своја лична благодет. Така изгубија и бугарската кауза и населението во Македонија кое се чуствува како етнички македонци…двете структури беа злоупотребени!

6.
Дојде Орбан, претставникот на селскиот дел од Австро-Унгарија. Донесе половина од ветената милијарда, другата ќе ни ја даде кога ќе се покажеме добри орбанчиња. Амбицијата му е да излезе на Егејот, а за тоа му треба Македонија. Со Србија, поточно со Вучиќ се големи пријатели. Србите заборавија на Новосадскиот колеж и односите со унгарците 1941-1945 година, заборавија на погромите од 1848 година (Ј.Ј. Змај-ја сам србин!) заборавија на сѐ. Важен е просперитетот и налеаните пари од автократот, па макар чии и да се. Орбан налеа 800 милиони евра во Војводина во последниве 2-3 години. Купи, преку војводинските унгарци, сѐ што може да се купи – имоти, куќи, згради, плодородна земја продадена во безценица од србите, просто ја купи Војводина. Вучиќ допрва ќе разбере дека негов проблем не се албанците на Косово, тоа е веќе нивно, проблем ќе му направи двестегодишната австроунгарска политика на Балканот. Таа политика ќе ја урниса, разбие однатре Србија, заедно со нејзините идеали, идоли и легенди.

7.
Ние остануваме овде, заробени и зацементирани во сопствените илузии. Оној студентот по медицина од Софија, добро ја научил лекцијата за доказателствата. Денес е успешен и почитуван лекар кај нас! Барем некој нешто научил. Сања Бошиновска ме импресионира, успешна е во барем три држави, има две државјанства и третото во оставка и никој не ја прашува “зошто“…таа и самата се прашува. Каде сме ние…ЗОШТО?!

Слични Објави