| |

Четири години самоблокада на европскиот пат на Северна Македонија

Никица Корубин за БГНЕС

Процесот на европска интеграција на Северна Македонија, односно отворањето на кластерите и поглавијата, фактички е блокиран од првиот момент на добивање на преговарачката рамка во 2022 година. Тој е блокиран од страна на институциите на државата (собранието) кои одбиваат да ги исполнат превземените обврски на државата, и се целосно потчинети на волјата на партиите. Иако, регионалната и гео-стратешка состојба е драстично променета од пред 4 години, период во кој трае ефективната блокада на државата во европскиот интегративен процес, тоа за жал не влијае на однесувањето на партиите, во однос на уставните измени и покрај доследната позиција на Советот на ЕУ, непроменет до денес за “отпочнување на преговорите по поглавија, веднаш и без дополнителна политичка одлука, откога ќе се извршат уставните измени за влез на Бугарите во уставот”.

Оваа крајно коректна и фаворизирачка одлука на ЕУ, не само што не се искористува со добра воља и во интерес на граѓаните, туку е речиси непозната за пошироката јавност и е предмет на обиди за постојана компромитација и усложнување. За жал, во овие четири години, во време на две влади, ниту една политичка партија не ги постави уставните измени како ултимативен приоритет, туку постојано се врши или нивна релативизација или нивна злоупотреба и дискредитација; и преку официјални политички и партиски ставови и преку жестока медиумска кампања на ширење на антагонизам, нетрпеливост и манипулации.

Денешната позиција на власта е всушност партиската позиција на ВМРО-ДПМНЕ, од нивната предизборна програма, која декларативно варираше од екстремната позиција за “репрогаварање на преговарачката рамка” – реално непоткрепена со ништо – преку “уставни измени со одложено дејство” – до “барање гаранции за идентитетот”; кое се етаблира како централна точка за блокадата и одбивањето на исполнување на превзмените обврски на државата. И всушност на овој начин, ставот на Премиерот е ретерирање на неговите предизборни и пост-изборни декларативни позиции, и гравитирање околу “заштита на идентитетот”; всушност околу Одлуката на Советот на ЕУ, која е крајно поволна за нас, па е нејасна неговата желба за нејзина промена. Како што е нејасен и крајно штетен и ставот на албанскиот партнер во власта (групацијата ВЛЕН) кои се обврзаа на “уставни измени во првите 6 месеци”, уште пред две години.

Ставот на албанските партии, и оние во власта и оние во опозицијата е од клучно значење, за деблокирање на овој процес, поради нивното традиционална про-ЕУ позиција; но и поради системот на “бадентерово мнозинство”. И токму тука е и секогаш бил клучот за клучните одлуки на Северна Македонија. Поддршката на граѓаните, во континуитет од преку 70% за членство во ЕУ, оваа блокада ја прави и правно и фактички неодржлива на долг рок, без сериозни последици по политичката, економската, трговската, културната, меѓуетничката и општествена стабилност на државата; каде политичките елити со не-чинење се поставуваат против вољата и интересите на граѓаните.

Оттаму, станува неизбежно сите избрани и именувани функциониери, како и политички партии јасно да се позиционираат во однос на почитување на меѓународните договори (Преспанскиот договор, Охридскиот договор и Договорот со Бугарија) и ефективно да ги спроведуваат и почитуваат; на начин како што тоа го прави и ЕУ преку преговарачката рамка и САД преку Законот за национална безбедност; како наши единствени стратешки партнери .



Слични Објави