Четири пожари на отворено регистрирани до пладне – два сè уште активни
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека заклучно со 04 август 2025 година, до 12:00 часот, на територијата на Република Северна Македонија се регистрирани вкупно четири пожари на отворен простор.
Според податоците, два од пожарите се сè уште активни.
Првиот активен пожар е на подрачјето на Општина Чашка, во село Богомила, каде што гори мешана шума. Вториот активен пожар е во Општина Македонски Брод, село Грешница, и зафаќа деградирана нискостеблеста шума.
Еден пожар е ставен под контрола и се наоѓа на територијата на Општина Долнени, во атарот на село Стровија, позади местото викано Гајдарец-Клепало, каде што горела нискостеблеста шума.
Еден од пожарите е целосно изгаснат. Се работи за пожар во Општина Липково, во село Слупчане, кој зафатил ниска вегетација.
Надлежните служби се на терен и работат на целосно локализирање и ликвидирање на активните пожари, со цел да се спречи нивно проширување и загрозување на населени места или инфраструктура.
ЦУК апелира до граѓаните да бидат внимателни, особено при движење и престој во природа, и да не палат оган на отворен простор во услови на зголемена опасност од пожари.

