Црна Гора го крие извештајот на ФБИ за хакерскиот напад на владата
Министерството за јавна администрација на Црна Гора одби да објави детали од извештајот за сајбер нападие врз црногорската влада што го подготви американското Федерално биро за истраги, пренесува РТЦГ.
Според министерството, објавувањето детали од Извештајот за сајбер напади врз системите на Владата на Црна Гора, што ФБИ го достави до црногорските институции во јануари годинава, може да ја ослаби безбедноста на информациските системи.
„Извештајот содржи технички детали, а запознавањето на јавноста со нив може да ја ослаби безбедноста на нашите системи бидејќи на тој начин тие би обелодениле доволно информации за структурата на самата владина инфраструктура и мрежата на државните органи, како и за заштитните системи што ги имаме, со што би си го загрозиле нивото на безбедност“, велат од овој ресор.
Како што велат оттаму, јавноста континуирано била информирана за настаните пред и по хакерските напади и за сите сознанија што не ја загрозуваат сајбер отпорноста на црногорските системи
Од министерството објаснуваат дека извештајот од ФБИ е класифициран на таков начин што може да се користи само за зајакнување на сајбер отпорноста на владината инфраструктура.
„Немаме овластување од партнерот јавно да го обелодениме извештајот,“ велат и од црногорското Министерство за правда.
Сајбер-нападите врз црногорските владини институции почнаа на 22 август минатата година, кога беше оневозможен пристапот до веб-страниците и електронската пошта на речиси сите министерства и институции. Блокирана беше и електронската комуникација на обвинителствата, судовите, катастарот, Управата за приходи и Царината и на други институции во Црна Гора, потсетува „РТ Балкан“.
На 11 јануари, полициската управа на Црна Гора објави дека американските истражители од ФБИ им го доставиле извештајот, кој е подготвен врз основа на значителен обем на податоци собрани преку мрежата на црногорското МВР и преку протокот на податоци од различни системи.
Познатата хакерска група „Куба рансомвер“ тврдеше дека дошла до податоците на Парламентот на Црна Гора, а црногорскиот министер за јавна администрација, Мараш Дукај, потврди дека таа група е одговорна за нападот. Поради падот на системот, Црна Гора стапи во контакт со своите сојузници во НАТО, велејќи дека биле нападнати од руски хакери.
Претседателот на Движењето за промени, Небојша Медојевиќ, од друга страна, изјави дека нема хакери туку дека некои владини функционери посетувале страници за возрасни од службените компјутери и „закачиле“ малициозни програми кои блокирале некои бази на податоци и барале пари за нивно ослободување.
Медојевиќ изјави во таа пригода дека повикувањето на НАТО и ФБИ да ја спасат Црна Гора од DDos нападите по посетите на сајтови за возрасни од службени компјутери е невиден срам и понижување на земјата.
„Ако овие ‘хакери’ бараат 10 милиони евра за да ги отклучат државните бази на податоци, тоа едноставно треба да се каже. Обвинувањето на Русија, а сега и на Куба, поради невнимателноста и глупавоста на некои државни службеници од Министерството за финансии е најдобар доказ за длабочината на политичката и на државната криза предизвикана од досега невидени политички експерименти. Државата не е играчка“, истакна Медојевиќ во тоа време.