ЦУК: Нема активни пожари, под контрола пожарот кај Берово
Според најновото соопштение од Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно со денешниот ден (01.08.2025) до 12:00 часот, на територијата на Република Северна Македонија е регистриран еден пожар на отворен простор, кој во моментов е ставен под контрола.
Станува збор за шумски пожар на подрачјето на Општина Берово, поточно на планината Готен, кон Малешевските планини. Според информациите на ЦУК, горела мешана вегетација, меѓу кои бор, бука, смрека, нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација.
Во моментот нема активни пожари во земјава, ниту нови изгаснати, а пожарот во Берово е единствениот што е под надзор на теренските екипи.
ЦУК апелира до граѓаните да бидат внимателни при движење во природа и да не фрлаат отпушоци, стакло или друг запалив материјал, особено во шумски и планински предели, со оглед на сушниот период и високите температури кои го зголемуваат ризикот од појава на пожари.
