Цврсто „ДА“ за Македонија, категорично „НЕ“ за Југославија

//

Пишува: Љубен Обретенов

Почитувани браќа и сестри од Република Северна Македонија,

Секогаш ќе имате цврсто „да“ од Бугарија за членство во ЕУ. Југославија секогаш ќе има цврсто „не“. Ако сакате да влезете во ЕУ, прво мора да ја напуштите Југославија.

Ова не е контрање, туку споделување искуство, што е наша обврска според договорот за добрососедство што го потпишавме со вас. Кога комунизмот пропадна, долго време се обидувавме во исто време да останеме во СССР и евентуално да станеме дел од ЕУ. Помина време и сфативме дека тоа е невозможно, дадовме гаранции – со дела, а не со декларации – дека го напуштаме СССР и дури тогаш почнавме преговори со ЕУ. Ги затворивме советските реактори, го отворивме небото за авионите на НАТО итн.

За вас заминувањето од Југославија значи помирување на вашиот сегашен македонски идентитет со бугарскиот идентитет на вашите предци. Да, не е лесно, потребно е време.

Но, не е коректно да нè обвинуваат за нетрпеливост и недостаток на добра волја. На крајот на краиштата, ние ве поддржуваме скоро 30 години, и покрај тоа што, според вас, сè уште сме Татари, фашисти и окупатори. Силна поддршка – од моментот кога први ве признавме како независна држава до моментот на вашиот влез во НАТО, за што ние ја имаме главната заслуга. Запнавме дури кога дојде време за влез во ЕУ.

Кога станува збор за членството во НАТО, порано толку сакавме да бидеме и во СССР и ЕУ што дури се надевавме, ако е можно, воопшто да не влеземе во НАТО. Да влеземе само во ЕУ. Изминавме долг пат, како што можете да видите.

Всушност, сè уште сме на пат. Би било претерано да се каже дека сега сме целосно надвор од СССР – ако го гледаме СССР како влијание на Москва. Голем дел од бугарските политичари официјално тврдат дека ние не сме дел од Западот, како што треба да бидеме според договорите што ги потпишавме, туку мост меѓу Русија и Западот. И додека тие официјално го кажуваат ова, тие и служат на Москва зад сцената – за прашања поврзани со енергенсите, за прашања поврзани со безбедноста итн.

Во главите на голем дел од бугарските граѓани се уште се слушат топовите на „Аврора“. И тие со ентузијазам се поклонуваат пред бројните споменици на советската армија, кои сè уште се на централните плоштади на нашите градови, а не во музеите.



Разликата со вас е во тоа што, според мнозинството бугарско јавно мислење, Бугарија мора да биде цврсто дел од Западот. За вршењето услуги кон Москва, нашите политичари губат рејтинг. Додека во вашата земја вршењето услуги кон Југославија – што во суштина повторно е услуга кон Москва – се прифаќа со ентузијазам и патриотизам.

Главната критика кон нашите политичари во случајот со Северна Македонија, на пример, е не толку фактот што одбиваат да ви дадат зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, туку поради фактот дека правејќи го тоа сакале тие или не, пак и служат на Москва.

Од друга страна, ако ги внесеме нашите сегашни нерешени контроверзии во ЕУ, Москва ќе биде големиот победник. Единствениот начин на кој нема да и служиме на Москва во случајот со Северна Македонија е конечно да ја напуштите Југославија.

Постои решение. Мора да прифатиме дека сме еден народ кој живее во две земји, без тие земји да имаат никакви претензии една кон друга. Тоа е едноставно реалност и мора да се држиме до неа. Ова нема да биде преседан, такви примери има многу низ светот.

Јасно е дека за таква промена во вашето размислување е потребно време. Свесни сме дека и комунистичка Бугарија е сериозно виновна за вашето сегашно размислување и нашите сегашни не толку добри односи.

Меѓутоа, комунистичка Бугарија не беше Бугарија. Беше Москва. Од сите агли. Ни повеќе, ни помалку. Во сиот свој сјај. И покрај сите наши русофилски недостатоци, денешна Бугарија е сосема поинаква.

И ќе мора да се промените. Секако, можете да останете во Југославија. Но, за сите, а особено за вас, ќе биде подобро ако изберете промена. Може да сметате на поддршка – најмногу од Бугарија – доколку се случи промена. Или барем, ако почне да се случува.

(Написот е објавен во Клуб Z на 14.11.2020 г. За жал е актуелен и денес )

Претходна статија

Процентот на редифинирање

Следна статија

Бугарски културен и политички десант овој викенд во РС Македонија

Најново од Истакнато