Д. ЈОРДАНОСКИ: ПРИОРИТЕТ ЗА ГДУ Е РЕФОРМИРАНОТО ЗДРАВСТВО, ОБРАЗОВАНИЕТО, МОРАТОРИУМ НА ГРАДЕЖНИОТ ХАОС И ЕКОНОМСКИ РАЗВИЕН ЗАПАД

Носителот на листата во ИЕ5 на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ), Даниел Јорданоски е млад човек, консултант кој одбрал да остане во земјава и да живее и да работи во родниот крај. Одлично ги познава проблемите и предизвиците со кои се соочуваат жителите во западниот дел од Македонија, особено во околината на македонскиот бисер – Охрид. Со него разговараме за неговите размислувања за развој на Охрид и западот, како и за изборната програма на ГДУ и зошто жителите во Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Битола, Демир Хисар, Крушево, Ресен, Кичево, Дебар и околината треба да заокружат број 7.

Охрид со Вас би добил кандидат кој живее со Охриѓани, човек што ги знае најголемите, но и најважните проблеми со кои жителите се соочуваат. И не само во Охрид, туку во западниот дел од Македонија. Кои прашања за Вас ќе имаат приоритет во новиот парламентарен состав?

Најгорлив проблем за Западот е патната инфраструктура. Изминативе години слушнавме многу ветувања и најави, ама сѐ уште автопат нема. И тоа се рефлектира на сѐ вкупното живеење во регионот. Охридскиот аеродром е олеснување, особено за туристичките чартери, но незамисливо е помеѓу туристички бисер како Охрид и главниот град Скопје и тамошниот аеродром да нема автопат. Тоа влијае на економскиот развој на регионот, на туризмот и на образованието во западниот дел од државата. Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Битола, Демир Хисар, Крушево, Ресен, Кичево или Дебар не заслу/уваат да бидат отсечени од центарот на случувањата како провинција. Тука живеат граѓани кои плаќаат даноци и придонеси на оваа држава и треба соодветно и системот да им се раздолжи. Најавите дека за година или две ќе го поврзат со автопат Охрид со Кичево, се одлични вести, но кога ќе биде Кичево – Гостивар? Западот заслужува повеќе. Заслужува да сме поврзани со главните магистрали во државата. ГДУ има повеќе предлози за новиот парламентарен состав во делот на економијата и на финансиската сфера кои треба да обезбедат пари за развој на внатрешноста на Македонија.

Што предвидува вашата програма за економскиот развој на западниот дел од Македонија?

Програмата предвидува исти мерки за рамноправен развој и на внатрешноста на Македонија. Она што е поважно се мерките за штедење што ги предлагаме. Односно, предлагаме намалување на бројот на пратеници од 120 на 90 во првата фаза, а подоцна и на 61. Како и намалување на избраните советници во локалните самоуправи и во Град Скопје. Намалување на бројот на назначени функционери, односно, бројот на министри, бројот на органи при Владата, како и рационализација на администрацијата. Сметаме дека кога редовно плаќаш даноци, почитуваш правила и закони и системот да возврати соодветно. Односно, ако живееш во Охрид, Битола, Кичево или Штип, дел од парите што ги одвојуваш од платата ,државата да ги врати назад за развој на твојата општина. ГДУ предлага распределбата на приходите од персоналниот данок да бидат во однос 50:50 меѓу Централниот буџет и локалните власти. Општината со овие средства ќе располага со завиден буџет за развој и унапредување на животните условите за жителите. Предлагаме и воведување законски ограничувања за Владата нема да може да ја избегнува реализацијата на капиталните инвестиции. На тој начин и Владата ќе инвестира, но и локалните самоуправи ќе имаат пари да инвестираат во развој на општината. Граѓанско Демократската Унија ќе предложи мерки за поттикнување на конкуренцијата и консолидација на обемот на јавната потрошувачка, формирање фискален совет, намалување на вкупните зафаќања од бруто платата по основ на даноци и придонеси, намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се товар за граѓаните.

Најзначајната гранка за жителите е туризмот. Кои се плановите на ГДУ за негов развој?

Охрид мора да се зачува како светско културно и природно наследство ако сакаме да се развива како туристичка дестинација. Сѐ уште се занимаваме со големиот предизвик од изминатите години а тоа е оваа убавина во регионот да остане под заштита на УНЕСКО и соодветно да се димензионира развојот на плажите, на градот и околината. Треба да се интензивираат активности за заштита на крајбрежниот појас и во струшкиот дел и овој регион повторно да заблеска на светските мапи. Кога станува збор за заштита на културното наследство, но и на природата, нема простор за импровизации и полу-решенија. Охрид е душата на нашата култура и историја, наследството на секој Македонец. Оваа нечепната природа што сѐ уште ја имаме мора да ја заштитиме. Само така Охрид ќе опстане како туристичка дестинација, но внимавајте, овој регион не треба да биде простор за масовен туризам. Охрид треба да се насочи кон една посебна група уживатели во култура, вљубеници во природата. Но за тоа потребни се и мерки за надминување на проблемите кои ги имаме во делот на сместувачките капацитети, најмногу за надминување на градежниот хаос, воспоставување и почитување на мораториум за градење – особено во крајбрежниот регион, потоа заштита на изворите кај Свети Наум, мрестилиштата на пастрмката, спомениците и археолошките локалитети. Потребен е силен економски развој на регионот што ќе го повлече и туризмот на повисоко ниво.

(Целото интервју на Даниел Јорданоски прочитајте го овде)